Аеродромци урнаа тараби, бараат стопирање на зградата врз детскиот парк

Во општина Аеродром, десно од Тобако 2, деновиве беа подигнати градежни тараби за нова зграда. Се работи за локација каде постоеше паркче со детски реквизити, па дел од аеродромци се незадоволни од ваквото решение, прашувајќи што точно се гради, и зошто баш тука. Некои граѓани својот револт го искажаа рушејќи тараби.

„Почитуван градоначалник Златко Марин, револтирани граѓани ги урнале тарабите за новата зграда која ќе проголта детски парк и игралиште кај Тобако 2, Општина Аеродром (на аголот ул. Руди Чајавец и Фрањо Клуз). Бараме итно стопирање на овој објект и ревизија на сите ДУП-ови во општината, впрочем како што ветивте во септември 2017 година“, реагираше иницијативата Скопје Смог Аларм.

И иницијативата Сакаме Аеродром да дише преку социјалните мрежи праша „до кога ќе продолжи уништувањето на зеленилото?“.

„Народот гласаше за промени, а не за нови згради! Златко Марин победи во Аеродром играјќи на картата дека нема да биде како Ивица Коневски, а сепак е ист како него! Правдања од типот ‘врзани ми се рацете, изгласан е ДУП-от’ не проаѓаат повеќе. Ако се сака, се се може, но очигледно некому помили му се парите отколку здравата животна средина!“, стои во реакцијата на Сакаме Аеродром да дише.

Од општина Аеродром велат дека станува збор за домување во станбени згради А2, колективно домување, од ДУП „Црква УЕ Б“. Детското игралиште, пак, ќе се префрли на зеленило во непосредна близина на постојното игралиште.

„Инаку, станува збор за земјиште кое е во приватна сопственост, така што Општината ја имаше поставено урбаната опрема и детските реквизити на приватно земјиште“, соопштуваат општинарите за Радио МОФ, но не прецизираат кој ќе го гради објектот.

Парчето каде беше детското игралиште

Ако се погледне Деталниот урбанистички план „Црква УЕ Б“, на парцелата е впишан станбен објект со можност за подигнување 10 катови (П+9+Пк). Тоа е прилично голем објект (спојка) во облик на буквата „С“.

Детското игралиште ќе биде дислоцирано подолу до улицата „Методија Шаторов-Шарло“ (бивша „Руди Чајавец“).

Со кругови е обележана парцелата со планираната станбена зграда и новата локација за детското игралиште

Според податоците од Катастар, моментално тарабите се поставени на парцелата 302/10, која е поделена на три делови. Односно „земјишта под земја“ со површини од 368 и 347 квадрати, а главниот дел е окарактеризиран како „дворно место“, големо 4.462 квадрати. Имотниот лист вели – парцела во заедничка сопственост на 13 различни лица.

Позади веќе е подигната зграда на градежната фирма „Дабар“, а наоколу во Стар Аеродром свои објекти имаат и „Адора“, „Голден Арт“, „Елена Лука“…

Ова се старите маала, меѓу другото, претпознатливи по бараките. Со години наназад ги снемува бараките на сметка на десетици нови згради, кои повлекоа нова инфраструктура, постојано копање, проектирање нови улици, асфалтирање и канализација. Сето ова донесе сообраќаен хаос.

Марин како опозиционер обвинуваше за преголема урбанизација во општината, особено преку ДУП-от од Острово до Мајчин Дом. Сугерираше дека се гради неплански, се трупаат згради во урбаното јадро на општината, а просторот е угушен, со што се влошува квалитетот на живот. Во екот на кампањата најави ревизија на урбанистичките планови.

Неговиот претходник, Ивица Коневски, пак, тврдеше дека ДУП-овите се реализираат по сите законски постапки. Се оградуваше од некои маркици за згради за кои протестираа граѓаните, велејќи дека се на приватно тло и дека се вцртани „уште претходно“. На неколку пати напоменуваше дека комуналиите од згради даваат позитивни приливи за општинскиот буџет.

Инаку, аеродромци изминатиов период се бунеа и за други локации. На неколку пати организираа собири
кај Мајчин дом – искажуваа револт против идејата да никне огромна зграда врз постоечкото зеленило.

Бојан Шашевски