Адреналинска инјекција со „Гогол Бордело“ во МКЦ

„Таксират“ е фестивал од кој извира музичка одговорност за поттикнување здрав разум и напредна мисла. И за организирање добри свирки. И за добар провод. Музичките фанатици растеа со фестивалот, со ова претпознатливо „наше дете“. Тоа дете веќе одамна прооде, тргна во школо, пушти тинејџерски брк, доби дозвола за пиво после 19/21, а сега полни дваесет години. Токму за јубилејот на фестивалот свиреше џипси-панк бендот „Гогол Бордело“, кој, исто така, скоро полни дваесет години. Со тоа, синоќа се случи идеална музичка френетична спојка меѓу „славениците“, МКЦ, „Пасворд“ и разиграна публика. Сите ќе ја паметат оваа спојка. „Гогол Бордело“ свиреше во живо во Скопје, сега, тука, кај нас!

Концертната авантура во МКЦ стартуваше со составот „Маика“. Време за загревање. Надоаѓачкиот аудиториум ја препозна Ида Престер од „Лолобриџида“, сега карневалски облечена, заедно на сцена со Бојана Симеон. Се работи за колоритен денс-панк состав. Во превод – гитара, армониника, труба, тапани и две пејачки со микрофони. Настапот во Скопје им даде супер можност за да си го промовираат деби-албумот „Balkannibalism“. Публиката ги почести со аплауз.

Во МКЦ потоа беше топло. Претопло. Еуфорично. Живо. Наелектризирано. Затоа што „Гогол Бордело“ растурија на сцена, а пред бина луѓе скокаа, играа, пееја… Рипање до потење. И денес болат табани. Вредеше.

Американскиот колектив, со седум албуми зад себе и концерти кои го дефинираат поимот „енергија“, на аудиториумот им дадоа адреналинска инјекција. Енергија до небо! Шутки во публика. На моменти леташе течност – пиво и вода во вис. Сите препотени, на никој не му сметаше разладување. Првите редови утоп!

„It’s so f*cking hot in here (овде е е*ено топло)“, се обрати препотениот Јуџин Хуц.

Хуц е моторот на бендот. Лицето на составот. Тој е предводник, интерпретатор, пејач, актер, а со продорот низ уметничката и филмската сцена ги направи „Гогол Бордело“ меѓународни музички икони, кои од андерградунд легенди прераснаа во интернационален феномен.

Комбинираат панк и ромска музика, раскажувајќи приказни за имигрантите и дијаспората, што всушност е личен животен белег на Хуц. Тој бега од катастрофата во Чернобил, се вљубува во мистичните тонови ромската музика која не ѝ припаѓа на „мејнстримот“. Бегалец е во Европа, се’ додека музичкиот пат не го однесе во Њујорк.

„Гогол Бордело“ ја напаѓаат човечката пасивност, одат чекор над музиката, над политичкото, и се насочуваат кон уметничка револуција на глобалната доба. Сето ова го интерпретираат низ концерти. Хуц и бандата цело време се мобилни на сцена, скокаат, гестикулираат накај публика, а сценскиот настап е секогаш зачинет со хумор, со кабаре и театар. Така беше и сега.

Идеолошки обликувач на музичко-сценското лудило е и виолината на Сергеј Риабцев, кој внесува дополнителен звучен слој на целиот инструментариум, на гитарите и тапаните. Мала тишина, Хуц пее, зборува, вика, и.. БУМ! Напад на сетилата, ворлд-мјузик звук отсвирен во полна панк брзина. Нова шутка пред бина! Пак, пак и пак!

Седумчлениот „Гогол Бордело“ на присутните им даде заслужен бис. Се поклонија. Публиката врати со аплауз и извици.

Голем број присутни потоа се дружеа и сликаа со дел од членовите пред МКЦ. Додека се товареше камионот за турнејата „Seekers And Finders“, луѓе од разни генерации не си отидоа накај дома. Останаа на платото. Збореа за овој концерт. За досегашните настани во МКЦ, за идните свирки на „Таксират 20“, збореа за домашната култура, уметност, за музика и љубов. Си обезбедија добра доза целовечерен провод.

Бојан Шашевски

Фото: Небојша Додевски – Грицко