Администрацијата на обуки за родова еднаквост

Обука за родова еднаквност и подигање на свеста за оваа проблематика ќе се спроведува за државните службеници во институциите на Република Македонија со помош на два е-модули, изработени од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), Бирото на Обединетите нации за родова еднаквост и јакнење на жените, а со поддршка на Министерството за труд и социјална политика.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешната прес-конференција изјави дека ова е прв системски чекор во насока на воспоставување родова еднаквност, што е обврска од член пет од Законот за еднаква можност на мажите и жените во РМ.

„Сведоци сме дека изминатите десет години имаше уназадување на родовата еднаквост, денеска е првиот чекор, кој заедно со МИОА ќе го почнеме преку обучување на администрацијата да креира родово еднакви политики“, рече Царовска.

Вториот чекор, додаде таа е воспоставување систем на родово одговорно буџетирање во Македонија. Дури тогаш, изјави Царовска, може да почне да се зборува за вистински систем кој создава еднакви можности за мажите и жените.

Таа нагласи дека со ова мерка институциите се подготвуваат за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, позната како „Истанбулска конвенција“, со цел да се создадат механизми и серивиси, кои ќе ги штитат жените и девојките од насилство.

Царовска очекува дека Истанбулската конвенција ќе биде ратификувана најдоцна првата третина од следната година.

„Сведоци сме дека 50 отсто од жените во земјата не се активни на пазарот на труд,  дека е голем бројот на жените жртви на насилство и не може да зборуваме за нивно вклучување во општеството, ако не ги решиме овие базични работи. По ратификувањето на конвенцијата ќе ги воспоставиме сите сервиси во таа насока“, посочи таа.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски прецизира дека е-модулите се состојат од два дела, основен и напреден курс.

Основниот курс содржи теми директно поврзани со работата и обврските во јавата администрација и тој е наметен за сите службеници. Ги опфаќа основните концепти на родова еднаквост, препознавање на родовата дискриминација, македонското законодавство, меѓународни конвенции и други документи.

Напредниот курс е наменет за оние кои се на повисоки позиции и содржи теми директно поврзани со процесите на креирање, следење и оценка на политиките од страна на администрацијата.

Извор: МИА