Обуки за наставници во летниот период и градење на инфраструктура за евентуално продолжување на онлајн наставата во новата учебна година, најави министерот за образование и наука Арбер Адеми на денешната прес-конференција на презентирани новите уредби за младите. Според него, тие се спремни за било какво сценарио од 1 септември.
„Мислам дека и во услови на пандемија и вонредна состојба, образовната надградба на нашите деца и млади продолжи и навистина резултатите се охрабрувачки. Додека трае летниот период, секако дека се подготвуваме да бидеме што поспремни за почетокот на учебната година, и за било какво сценарио веќе сме подготвени“, рече тој во одговор за Радио МОФ.
Според него, позитивен показател е тоа што учебната година завршила на 10 јуни, односно во предвидениот рок.
„Наша желба и очекувања се дека новата учебна година ќе започне во училишните клупи, учениците во нормални услови да ја започнат новата училишна година“, нагласи Адеми.
Но, дотогаш, посочи тој, е формирана работна група од меѓународни соработници и раководители на образовни институции со кои ги разгледуваат предлозите и опциите.
Меѓу новинарските прашања имаше и за изборот на ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, кој периодов е засенет од бројни жалби за нерегуларности. Адеми рече дека не ги знае деталите, а за сите поплаки и жалби упати кон Државниот просветен инспекторат.
„Можеби е зачудувачки министер за образование и наука да не ги знае сите детали, но тоа е најнормално. Навистина не ги знам сите детали околу изборниот процес и така треба да биде, бидејќи уживаат целосна автономија и автономно ја спроведуваат постапката, и очекувам целата постапка да се одвива или одвивала како што треба“, прокоментира Адеми, додавајќи дека нивната улога како министерство е да креираат и спроведуваат политики.
На прес-конференцијата се спомна и доцнењето на картичките за млади од социјално загрозени семејства, како и поплаките кои пристигнаа од приватните образовни институции кои не се опфатени со уредбата нивните ученици и студенти да добијат ваучер за финансиска помош. Но, како прашање се постави и за условите за упис во математичко-информатичката гимназија, која годинава за првпат ќе почне да функционира. По големиот интерес за упис во оваа гимназија, МОН воведе квалификационен тест, наместо зголемување на бројот на паралелки. Според Адеми, со оглед дека ова е прва година како ќе функционира, нивен приоритет е квалитет, наместо квантитет.
Нови уредби во најава за финансиска поддршка на млади
На денешната прес-конференција министрите Адеми и Манчевски најави три уредби кои Владата претходно ги усвои, а станува збор за набава на училишен прибор на средношколци од семејства со ниски приходи, за студенти од семејства со ниски примања за партиципација, сместување во студентски домови или приватно сместување, како и за млади до 29 години за кофинансирање на обуки за дигитални вештини.
За првата група се обезбедени 3000 денари по ученик. Пријавувањето ќе се одвива преку платформата „Дигитализирајсе.мон.гов.мк“, во рок од 10 дена од активирање на платформата. Министерот Адеми најави дека најдоцна до 10 септември ќе има резултати и дека во рок од 3 дена ќе се исплатат на домашната картичка, а ќе може да се искористат до 15 октомври. По истекот на рокот, истакна тој, неискористените средства се враќаат во буџетот на МОН.
Со втората уредба се опфатени студенти од семејства со ниски приходи. Тие ќе имаат опција да изберат дали сакаат да аплицираат за финансиска поддршка за партиципација на некој од државните универзитети или за сместување во државен дом, односно приватен дом, но кој е под МОН, или пак за приватно сместување.
И овде пријавувањето ќе се одвива преку истата платформа, од 1 до 10 октомври.
Во однос на ваучерите за млади за кофинансирање на обуки за дигитални вештини, Манчевски соопшти дека одвоиле 150 милиони денари. Правните лица кои сакаат да нудат обуки, рече тој, ќе треба да се пријават преку „Услуги.гов.мк“.
Оваа уредба важи за лица до 29 години, а кои завршиле најмалку средно образование. Пријавување за нив ќе биде од 19 јули, исто преку „Услуги.гов.мк“. Оние кои ќе бидат избрани, ќе добија ваучер од 30 000 денари. Листата со правни лица и обуките што ги нудат ќе биде објавена на МОН, од каде младите ќе го направат изборот.
Емилија Петреска