Адеми: Во декември ќе одлучиме дали ќе има екстерно за студентите

Министерството за образование и наука до средината на декември ќе одлучи дали ќе има државен испит за студентите и во каква форма ќе биде овој испит, изјави денеска министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.

– Лично, повеќе сум наклонет да има, но не зависи само од мене, туку од повеќе фактори. Пред се, Одборот за акредитација кој треба понатаму да ги спроведува сите активности, па универзитетите, студентите, политики на Владата од аспект на образованието. Ако се одлучиме да има, тоа мора да биде без да се нарушува автономијата на универзитетите, без да се загрози Болоњскиот процес и без да има дополнителен товар и за универзитетите и за студентите, изјави Адеми а пренесе МИА.

– Ќе се обидам да го цитирам, премиерот кој кажа „мора нешто да преземеме, за да се зголеми квалитетот на високото образование“. Дали тоа ќе биде државен испит, дали ќе биде друга форма, се уште не е одлучено и кога ќе одлучиме, ќе споделиме со јавноста. Тоа нема да биде тајно, туку ќе се прави со Закон за високо образование кој ќе се донесе во Собранието. Се уште не е одлучено, и премиерот и јас неколку пати кажавме дека доколку одлучиме, тоа ќе биде транспарентно и се во функциоја да се зголеми квалитетот на високото образование, рече Адеми.

Според него, студентите не биле вистинските организатори на вчерашниот протест, и „некој стоел во позадина“.

– Примив писмо во кое нема ништо конкретно за екстерното оценување. Има барање за оставка на министер, а се знае дека оставка секогаш бараат политички партии, а не студенти. Подготвив одговор на писмото но за жал, не можам да го доставам зашто во писмото нема ни име, ни адреса, рече Адеми.

Премиерот Никола Груевски неодамна изјави дека ќе има надворешна проверка на знаењето на студентите и во Владата се разговара за моделот на тестирањето кое е најавено од Министерството за образование и наука.

Изјавите на Адеми следат по вчерашниот голем студентски марш против најавениот предлог, во кој над две илјади студенти излегоа на скопските улици да маршираат со цел властите да се откажат од идејата за воведување екстерно тестирање на универзитетите.