Адеми: Се работи на суштината на новиот концепт на Законот за високо образование

Почнува нова етапа во разговорите, затоа што од денеска ќе се работи во суштината на новиот концепт на Законот за високо образование и се надевам дека во една конструктивна атмосфера ќе стигнеме до конечниот текст, изјави министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми по средбата на работните групи кои работат на подготовка на новиот закон.

Ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски рече дека по презентирањето и прифаќање на концепт од сите страни, ќе следува изработка на текст кој ќе биде понуден на јавна расправа, по што ќе следи финална верзија која заедно со забелешките од расправата ќе биде усогласена со предложениот текст.

„Се надеваме дека со ваквата широка вклученост на универзитетската заедница и на државата ќе добиеме еден квалитетен закон кој ќе биде применлив и компатибилен со европските закони“, додаде Стојковски.

Од Студентски Пленум денеска пред средбата соопштија дека двајца нивни претставници ќе присуствуваат на работниот состанок за изготвување на нов Закон за високо образование. Тие информираа дека состанокот ќе биде од конститутивен карактер и се очекува на истиот да се утврди динамиката и методологијата со кои ќе се изготвува новиот ЗВО.

„Студентски Пленум очекува низ академска расправа да се дојде до најдобро законско решение кое ќе го отсликува високообразовниот систем во Република Македонија, но и ќе предвиди нужни промени со цел унапредување на квалитетот на високото образование“, истакнаа од СП.

На состанокот на работните групи присуствуваа: Проф. д-р Влатко Стоилков (проректор на УКИМ), Проф. д-р Борче Давитковски (декан), Проф. д-р Љубомир Дракулевски (декан), Проф. д-р Елена Думова Јованоска (поранешен проректор), Проф. д-р Зоран Велковски (поранешен проректор), Проф. д-р Билјана Камчевска (сенатор), Васка Бојаџи (студентски правобранител), двајца претставници од Студентски пленум и двајца претставници од Професорскиот пленум.