Адеми: Парична поддршка за млади до 100 евра и платежна домашна картичка до 500 евра

Во рамки на третиот пакет економски мерки, министерот за образование и наука Арбер Адеми на денешната прес-конференција најави доделување на три типа парична поддршка, односно ваучери за средношколци, за студенти и за млади до 29 години.

Според Адеми, целта е да се обезбеди куповната моќ, како придонес за ученичкиот и студентскиот стандард и со фокус кон дигиталните и ИТ-вештини.

„Првиот тип на ваучер со еднократен максимален износ до 6.000 денари (100 евра) ќе се доделува на студенти и средношколци од семејства со ниски примања. Средствата ќе се користат исклучиво за покривање на партиципација за студирање на универзитетите и за сместување во ученички и студентски домови, и во регистрирани приватни сместувачки капацитети“, рече Адеми.

Вториот тип на поддршка е домашна платежна картичка со расположлив износ од 3.000 денари (50 евра). Картичката ќе биде наменета за студентите и ќе се користи исклучиво за купување на домашни производи и услуги во одредени услужни дејности, најпогодени од кризата.

„Третиот тип на ваучер е во максимален износ до 30.000 денари (500 евра) е наменет за млади до 29 години, за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини. Тие и тоа како се потребни и барани години наназад, а сега нивното поседување е дури и основен услов за пронаоѓање на работен ангажман во било кој сегмент. Ќе им ововможат брзо вработување во новата развојна економија“, потенцираше Адеми.

Според проценките, вели тој, влогот за овие три мерки за младите ќе биде 12 милиони евра, а ќе бидат опфатени 100.000 корисници – младите сограѓани.

„МОН како институција задолжена за имплементација и координација на мерката, заедно со кабинетот на претседателот на Владата, Агенцијата за млади и спорт и Генералниот секретаријат, веднаш ќе разработуваат конкретен план за успешно спроведување на тоа што е усвоено како заклучок – младите да ја добијат паричната поддршка во јуни, односно најдоцна до крајот на месец јули“, рече Адеми.

Тој најави дека јавноста во следните денови навремено ќе биде запознаена со конкретно решение, на кој начин и како ќе се аплицира за добивање на овие ваучери.

Новинарите на прес-конференцијата го прашаа Адеми за одржувањето на јунската сесија за полагање на факултетите. Веќе се појавија разни реакции од студенти и професори за безбедноста и квалитетот на сесијата, за онлајн, но и можноста за евентуално физичко полагање.

Адеми се повика на уредбата со која целата дејност во високообразовните установи ќе се организира и реализира преку средствата за електронска комуникација, односно испитите, колоквиумите, магистерските и докторските трудови да бидат онлајн.

„Секој ученик и студент треба да продолжи со образовната надградба и во овие околности. Затоа така се одлучивме, знаеме дека во меѓувреме се организираат испитите, немаше никаков проблем. Во уредбата точно стои дека факултетот, едицата во рамки на високообразовната установа, треба да обезбеди технички услови, за да се обезбеди кредибилитет на процесот на оценување на студентите. И, сега, знаеме дека имаше и петиција за да не се организираат испитите онлајн, особено за јунската сесија. Се уште оваа одредба е во сила, бидејќи се уште сме во вонредна состојба. Но, постојано сме во комуникација со високообразовните установи, па, ако се одлучиме да им дадеме можност да организираат испити, односно јунската сесија со физичко присуство, тоа ќе биде по донесување на посебен Прокотол од Владата, предложено од Комисијата за заразни болести. Така што, мора да се почитуваат препораки од Владата и од здравствените органи“, нагласи тој.

За реакциите околу начинот на оценување, Адеми напомена дека веќе има упатство за оценување.

„Не сме имале проблеми при оценувањето, важат сите обврски и права, но без физичко присуство. Школската година ќе се заврши до 10 јуни преку средствата за електронска комуникација“, вели Адеми.

Уписите во основно и средно, пак, ќе бидат во месец јуни. Според законот, уписите на првооделенчињата требаше да бидат во мај, но беше пролонгиран за јуни.

„Цел јуни ќе биде на располагање на родителите на првачињата да ги доставуваат сите документи и апликации каде би се запишале децата, имајќи ги и предвид и одредбите за регионализација. Имаме веќе Протоколи, па очекуваме Комисијата да ни одговори, евентуално ќе направи измена за почитување на препораките на Владата“, рече Адеми.

Што се однесува на државната матура и датумот за нејзино одржување, Адеми потенцираше дека се објавени на сајтот на МОН со календарот за организирање на учебната година за средните јавни училишта.

„Тоа важи само за оние ученици кои го завршиле средното образование во претходната учебна година, и коишто, од една или друга причина, не успеале со успех да ја поминат државната матура, додека навремено се пријавиле. Односно, во декември пријавиле дека треба да полагаат државна матура, а средното го имаат завршено претходните години. Истовремено, сите ученици кои го завршиле средното образование во 2019/2020, се ослободени од обврската да ја полагаат завршната школска матура и завршниот испит, а ќе добијат дипломи со вредност и правен ефект како и дипломите издедени во претходните години“, рече тој.

Народниот правобранител и Мрежата за заштита од дискриминација реагираа и побараа ревидирање на наставна програма и учебници, особено за социологија за гимназиите. Учебникот години наназад е критикуван дека содржи дискриминација по род, брачен и семеен статус, раса, етничка припадност, здравствен и социјален статус.

Адеми тврди дека досега имале пристап за ревидирање, а и педагошката служба имала конкретен план за ревизија, конкретно за учебниците од 2001 до 2006, бидејќи, вели тој, содржината е застарена.

„Кога сме кај конкретниот случај, учебникот за социологија за гимназија, тој е во планот за ревидирање и контактиравме и со Бирото за развој на образование, но и со издавачката куќа, бидејќи авторските права се нивни, па побаравме измени во спорните делови. Тоа изменување е направено, доставено до нас, имавме јавен повик за формирање на рецензентска комисија за разгледување на тие предлози за ревидирање на тој учебник. За жал, никој не се пријави. Вчера пак имавме јавен повик, трае до 1 јуни, бидејќи ова е законската постапка која мора да ја следиме. Очекуваме некој да се јави и ќе се разгледува ревидираниот учебник по социологија, бидејќи и за мене лично содржината била спорна и со права реагирале граѓаните и невладините“, забележа Адеми.

Б.Ш.