Поради епидемијата на жолтица засега нема да се одложи стартот на новата учебна година, изјави денеска министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми.
Одговорајќи на новинарско прашање, Адеми посочи дека нема донесено ваква одлука.
„Министерството за образование и наука е во контакт со Министерството за здравство и со Институтот за јавно здравје и на последната седница е донесена препорака до сите училишта да преземат дополнителни активности за хигиената со цел да не се зарази некој од учениците. Засега нема одлука за пролонгирање на учебната година и сметам дека нема да има нејзино пролонгирање. Доколку има одлука за тоа јавноста ќе биде навремено информирана“, изјави Адеми.
Бројот на заболените од жолтица во земјава постојано се зголемува. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 16 пациенти, од кои само во текот на викендот беа примени шест нови болни. Со последните пријавени случаи, бројот на заболени од 66 се зголеми на 72 пациенти.