Адеми: Не гледам зошто да биде тргнато екстерното тестирање

 „ Не гледам зошто да биде тргнато екстерното тестирање. Напротив, сметам дека сите засегнати страни треба да допринесат за унапредување на целиот процес,“ изјави министерот за образование и наука Абидлаќим Адеми по завршувањето на промоцијата на книги и списанија на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје.

Минатата недела, средношколците во Скопје одржаа марш против новиот концепт на државната матура и начинот на полагање на екстерното тестирање. Тие по вторпат ги оставија своите барања во МОН со кои побараа министерството да ги повлече законските одредби преку кои математиката е задолжителна на државна матура и резултатите од екстерното тестирање да не влезат во крајниот успех, по што им беше ветена средба со заменик министерот за образование и наука Спиро Ристоски.

„Кажав дека сме отворени за средба. Се уште не е дефиниран терминот. Очекувам оваа недела. Идејата е ние на матурантите да им го објасниме кој е концептот, односно јавноста веќе знае кој е концептот на државната матура, но да им објасниме кои се предностите доколку успеат да положат државна матура. Затоа што тоа е во нивна полза, во полза на матурантите да се запишат понатаму на факултет, универзитет низ светот. Затоа како што кажавме и претходно државната матурта е признаена од сите држави во светот и таа не е само предност за матурантите, но е признание за целосниот образовен процес во Р.М“, нагласи Адеми.

Тој истакна дека математика е задолжителен предмет на матура само за гимназијалците, но не и за стручните и уметничките училишта. Воедно, додаде Адеми, математиката за гимназијалците ќе биде на основно ниво.

„На средбата би сакал да слушнам аргументи. Ние ќе ги изнесеме нашите аргументи, доколку има од нивна страна аргументи што се издржани секако дека ќе ги имаме предвид“, додаде Адеми.

Претходно, МОН и Самостојниот синдикат за образование и наука направија спогодба со која се договорија да се задржи екстерното тестирање, но да нема парични казни за наставниците, туку само награди. За наставниците кои ќе имаат добри резултати на екстерното тестирање, односно чии оценки се совпаѓаат со оние кои учениците ги добиле на екстерното, во наредните девет месеци ќе бидат наградени со десет проценти додаток на нивната плата. покачувањето на платата ќе биде трајно ако имаат добри резултати последователно во период од три години.

E.П.