Адеми најави нов мебел за ученичките домови, нови училишта и крај на обновата на студентскиот „Гоце Делчев“

Во септември треба да завршат градежните работи од реконструкцијата на блоковите В и Г на Студентскиот дом „Гоце Делчев“, а во август ќе почне набавка на нов мебел за 18 ученички домови во вредност од 50 милиони денари, соопшти министерот за образование и наука Арбер Адеми, на прес-конференција во која зборуваше за капиталните инвестиции во образованието.

Нагласи дека подобрувањето на условите во домовите за ученици и студенти е од особено значење зашто во ученичките домови во 2017/2018 имало околу 2.400 ученици, а во студентските домови – над 5.500 студенти.

„Во академската 2018/2019 година очекуваме да завршат градежните работи на блоковите В и Г во Студентскиот дом „Гоце Делчев“. Тие почнаа во мај 2017 и, според утврдените рокови, очекуваме да завршат во септември оваа година. На почеток на август ќе почне постапка за набавка на нов мебел за потребите на 18 ученички домови, во вредност од 50 милиони денари, што ќе овозможи подостоинствени услови за сместување и учење. Корисниците на ученичките домови ќе добијат нови кревети, душеци, маси, столови, полици, гардеробери…“, рече министерот.

Министерството за образование и наука, додаде Адеми, годишно учествува со околу 180 милиони денари за сместување и храна на ученици и со 200 милиони денари за студентите. Во тие износи не влегуваат стипендиите на МОН – околу 40 милиони денари за ученици и околу 400 милиони денари за стипендии во разни категории за студенти.

Адеми на информираше и за повеќе јавни набавки за изградба и реконструкции на нови училишни објекти за основни и средни училишта. Нов училишен објект за 300 ученици ќе се гради во Општина Студеничани, за кој се обезбедени скоро 55,5 милиони денари во оваа и следните две години, додека министерот најави и градежни работи за ставање во употреба на опожареното училиште во Ново Село во Општина Боговиње, во кое настава ќе можат да следат 210 ученици, кое целосно изгоре во октомври минатата година.

Скоро 78 милиони денари е проценетата вредност на јавната набавка за реконструкција на седум училишни објекти. Со неа се опфатени училишните објекти ПОУ „Димката Ангелов-Габерот“ во село Прждево во Демир Капија; „ПОУ „Јосип Броз Тито“ во село Радожда во Струга; ОУ „Единство“ во струшкото село Октиси; ОУ „Васил Главинов“ во Чаир; Ученички дом на средното земјоделско училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе; СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани и СОУ „Гостивар“ во Гостивар.

Министерот информираше и за училишни спортски сали кои од септември ќе ги имаат учениците од СОУ „Перо Наков“ во кумановско Бедиње, ОУ „Тодор Хаџи Тефов“ во Кавадарци, ОУ „Мусатафа Ататурк“ во Гостивар и ОУ „Сабедин Бајрами“ во село Камењане во општина Боговиње. Додека до следната учебна година се очекува спортски сали да има и во Чашка, Јосифово, Черкези, Лабуништа, Шипковица.

Одговарајќи на новинарско прашање за евентуални измени во учебниците по постигнатите договори со Грција и Бугарија, Адеми посочи дека сите политички функционери треба своите активности да ги усогласат со стратешката цел – членството во НАТО и ЕУ.

„Ниту јас како министер, ниту било кој треба да дозволи во овој историски момент да придонесуваме со креирање тензии. Планираме во текот на август да известиме за учебниците и нивниот квалитет и ќе има пријатни изненадувања, рече Адеми.

Министерот посочи и дека се фокусирани на носење квалитетен закон за основно образование, во кој покрај најавените реформи, предвидено е да се намали и бројот на часовите.