Адеми: До септември нов концепт за државна матура

Конечниот концепт за полагање на државната матура и екстерното оценување се очекува да биде дефиниран до септември, најави министерот за образование Абдилаќим Адеми.

„Ќе извршиме детална анализа на двата проекта вклучувајќи ги сите засегнати страни се со цел да дојдеме до едно најдобро решение. За државната матура имаше отпор математиката да биде задолжителна, а од друга страна имаме подобри резултати од минатата учебна година. Ова ни дава дополнително аргументи дека сме биле во право кога сакавме математиката да биде задолжителна, но сепак ќе се консултираме со сите засегнати страни околу натамошните чекори“, изјави денеска Адеми, одговорајќи на новинарско прашање.

Според него, во август може да се очекува да бидат свикани сите засегнати страни.

„До септември сакаме да имаме нов концепт и овој период ќе го искористме за консултации“, естирање и посочи Адеми.

Проблемите при спроведување на екстерното тестирање и најавите за воведување нов концепт за полагање државна матура, во кој меѓу останатите промени беше предвидено математиката да биде задолжителен предмет, беа повод во текот на минатата учебна година голем број средношколци да излезат на протести низ десетина градови во земјава. Организирани во Средношколски пленум, голем дел од учениците пет седмици ја бојкотираа наставата во второто полугодие и со денови седеа во импровизиран камп пред МОН во обид да ги натераат надлежните да го слушнат и мислењето на учениците.

На ова од МОН одговорија со делумно повлекување од реформите, при што полагањето на државната матура годинава се спроведе годинава по стариот концепт, но останаа најавите дека ќе има измени во полагањето за новата генерација матуранти.

Незадоволни од ваквиот одговор средношколците,но и нивни наставници и родители,  најавија продолжување на „борбата за подобро образование“ во септември.