„Абортус: уназадување во Европа“ – Проекција на филм и дебата

Проекција на филмот „Абортус: назадување во Европа“ и дебата на оваа тема ќе се организира на 2 јули (понеделник), во Јавна соба, со почеток во 19 часот.

На дебата ќе се дебатира за правото на избор и за пристапот до абортус во Македонија, заедно со министерот за здравство Венко Филипче, професорката Ана Мартиноска, истражувачот и програмскиот координатор Славчо Димитров од Коалицијата „Маргини“ и гинекологот Снежана Георгиева Јаневска. Улогата на модераторка ќе ја има Ива Михајловска од ХЕРА.

„Правото на избор е неприкосновено човеково право, арно ама ни ден-денес не се почитува дури и онаму каде што законот го гарантира. Женското тело и правото на абортус повторно се мета на движењето за правото на живот чии активисти се сè помлади, дигитално писмени, стратешки исповрзани и несопирливи. Нивните акции во јавноста ги раздвижуваат народните маси, а оние зад кулисите им обезбедуваат не само место во европските институции, туку и неисцрпна финансиска поддршка – и на европско тло и отаде „големата бара“.

Денес, феминистките од шеесеттите и седумдесеттите години се баби кои отворено зборуваат за прекинувањето на бременоста со закачалки и игли за плетење во нивно време. Но, и покрај борбата за женските права, нивните ќерки и внуки повторно се заложнички на ретрогресивни мерки што конзервативните влади низ Европа (се обидуваат да) ги носат во име на религиските вредности и зголемувањето на наталитетот. Цената се знае кој ја плаќа.

Секогаш е вистинско време да се зборува за правото на избор и за женските права, а особено сега кога се менува рестриктивниот македонски закон за абортус којшто е во сила веќе 5 години“, посочуваат организаторите на настанот.