Абдилаќим Адеми си поднесе оставка

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми си поднесе оставка и е веќе доставена до Претседателот на Владата. Неговата оставка доаѓа откако централното раководство на ДУИ синоќа одлучи да ги повлече своите актуелни претставници од извршната власт на Република Македонија, неколку дена пред распуштањето на парламентот.

Адеми одлучи писмената оставка да ја објави на Фејсбук, каде напиша: „Постапуваме по одлуката на претседателството на ДУИ“.

Во докуметот што го објави пишува: „Врз основа на одлуката на Централниот одбор на Претседателството на Демократската унија за интеграција давам неотповиклива оставка на функцијата министер за образование и наука во Владата на Република Македонија“.

Засега не е познато што е причината за нивното излегување од Влада. Претседателството му даде овластување на лидерот Али Ахмети да одлучува за натамошните чекори на партијата. ДУИ ја информира локалната и меѓународната јавност дека ќе ги преиспита своите политики во наредните денови.

Во Владата, ДУИ учествува со 8 министри и 4 заменици. Доколку од неа си заминат третина од министрите, нивните места може да се пополнат со други и тоа ќе се смета за реконструкција.