ААВМУ: Телма, Алсат-М и Македонско Радио го прекршиле изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) при мониторингот на изборното медиумско претставување констатирала дека изборниот молк бил прекршен од ТВ Телма, ТВ Алсат-М и Првиот програмски сервис на Македонско радио – МРА1.

Овие медиуми го прекршиле членот 76-б, став 3, од Изборниот законик, односно за време на изборен молк објавиле аудиовизуелни материјали за претставници на власта.

„Мониторингот над ТВ Телма и ТВ Алсат-М на 13 и 14 јули, покажа дека во неколку дневноинформативни изданија се емитувани прилози поврзани со состојбата со корона вирусот во земјава и со активности на здравствените власти против пандемијата, во кои има изјави на носител на функција во органите на власта, односно министерот за здравство.

При мониторингот на Првиот програмски сервис на Македонско радио – МРА1 на 14 јули, утврдено е дека во неколку дневноинформативни изданија се емитувани прилози за активности на Министерството за внатрешни работи за спречување на потенцијален криминал поврзан со изборниот процес, во кои е емитувана изјава на носител на функција во органите на власта, односно министерот за внатрешни работи“, соопштија од ААВМУ.

Советот на ААВМУ на вчерашната седница донел заклучоци за покренување на прекршочни постапки пред надлежен суд против трите медиуми за прекршување на изборниот молк.

Оваа одлука ја коментираа од Министерството за информатичко општество и администрација кои соопштија дека во целост не се согласуваат со поднесените прекршочни пријави против телевизиите Телма и Алсат-М, заради пренесена изјава на министерот за здравство Венко Филипче, за време на изборниот молк.

„Двете телевизии на никаков начин го немаат прекршено Изборниот законик, со оглед на тоа што министерот Филипче изјавата ја дал во својство на министер и во врска со здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид-19. Дополнително, министерот Филипче не беше на ниедна од кандидатските листи за Предвремените парламентарни избори 2020 година. Во време на светска пандемија и редовно дневно информирање од страна на Министерството за здравство во врска со вирусот, за нас е несфатливо како регулаторот може да ја смета оваа изјава како прекршување на изборниот молк“, соопштија од МИОА.