[Интервју] Марија Грујовска: Непал ми подари нов поглед на светот

Марија Грујовска е дипломиран антрополог, фотограф и девојка чија страст за различните култури три години по ред ја води во Непал. Љубопитноста ја одвела во оваа држава на југот на Азија, која ѝ подарува нов поглед на светот и многу љубов. Еден ден пред отворањето на нејзината изложба на фотографии GOYA, во интервју за Радио МОФ, Марија зборува за фотографијата како медиум, за нештата што ја фасцинираат и предизвикуваат да го сврти објективот кон нив и за тоа каде патот ќе ја однесе во иднина.

Зошто Непал? Што те однесе во оваа далечна азиска земја?

Пред три години сакав да искусам поинаков начин на живот и решив да аплицирам на три волонтерски проекти во различни земји. Добив одговор од проектот во Непал и така заминав прв пат. Подоцна развив индивидуален истражувачки проект за христијаните Катманду и продолжив да се враќам во Непал секоја година. Сега таму се чувствувам како да сум дома.

Имаш дипломирано антропологија на Универзитетот во Виена, а фотографијата е твое хоби и страст. Која е врската помеѓу твојот професионален повик и љубовта кон фотографијата?

Антропологијата ми ја продлабочи љубовта за различните начини на живот на групи на луѓе насекаде околу светот, а фотографијата ми овозможи да им пристапам на тие групи на уметнички, научен и документативен начин. Антропологијата и фотографијата имаат долга историја и уживам проучувајќи ја нивната врска.

Која е улогата на фотографијата како медиум според тебе? Каква порака испраќаат делата кои се дел од изложбата „Гоја“?

Мојот драг другар и поет Ѓоко Здравески за себе вели дека се доживува како медиум и само го запишува она што се случува околу него. Преку фотографијата само го овековечувам она што поминува низ мене во моментот, со надеж дека ќе успеам да ја пренесам магијата што ја наоѓам во секојдневието. Фотографијата ја доживувам како сплет на мојот внатрешен свет со надворешниот. „Гоја“, што на Урду го означува моментот кога слушателот, читателот или гледачот ја потиснува недовербата во моментот на раскажување на некоја приказнa, се обидува да го пренесе токму тој спој помеѓу тие два света на луѓето на кои таа реалност им се чини многу далечна.

Твоите фотографии ги прикажуваат „речиси незабележливите моменти што се случуваат меѓу големите туристички атракции“, со цел набљудувачот поинтимно да ги доживее и да ја изгуби недовербата која се јавува во него, како што сугерира и името на изложбата. Колкава е разликата која ја воочуваш меѓу конвенционалните туристички фотографии и твоите?

Конвенционалните туристички фотографии обично се концентрираат на локацијата на атракцијата. Моите фотографии најчесто прикажуваат луѓе и со нив се трудам да ја испреплетам приказната на самата локација со животната приказна на луѓето што се наоѓаат таму.

Како ти лично го доживеа Непал? Можеш ли да одвоиш приказна од таму, која не си успеала да ја доловиш со фотоапарат?

Непал ми подари нов поглед на светот, нов начин на живот, а и голема љубовна приказна. Едно прекрасно искуство кое е поврзано со фотографијата но не заврши фотографирано, се случи за време на фестивалот на садење ориз. Тој ден отидовме до едно мало изолирано селце во предградието на Катманду за да можеме поинаку да го документираме фестивалот од останатите фотографи. Таму не само што наидовме на едно прекрасно семејство кое ни даде уникатни кадри на садењето ориз, туку и нé нагости и ни даде да пробаме да садиме ориз на нивниот традиционален начин.

Зошто одлучи да студираш во странство? Колку придонесе животот во Австрија за твојата фасцинација од другите култури и народни обележја?

Предизвикот да живеам сама и да истражувам нови места е главната причина што ме однесе на студии во Виена. Таму се запознав со многу интернационални студенти и тоа дружење со многу луѓе од различни култури заедно со антропологијата само ми ја продлабочија фасцинацијата со она што е различно од секојдневието на овој дел од светот.

Кои се твоите планови за иднина? Со што ќе се занимаваш сега, како дипломиран антрополог?

Сега за сега само знам дека ќе студирам пост-дипломски студии, но сé уште не знам точно каде. Аплицирањето на различни програми е долг процес и тоа е она на што сум сконцентрирана во моментов.

Кое е твоето мислење во однос на образованието во Македонија? Колку изборот да студираш во Австрија влијаеше на твојот живот денес?

Во Македонија образованието дефинитивно се соочува со многу проблеми, но можам да кажам дека ситуацијата е слична и во Австрија и во Америка (бидејќи сум била дел од образованието и во двете земји). Она што многу ме радува е тоа што студентите во Македонија успејаа да се организираат и да изградат критика на образовниот систем, заедно со многу предлози за решавање на проблемите. Мислам дека тоа ветува многу и се надевам дека ќе дојде до подобрување на ситуацијата во блиска иднина.

Стефанија Тенекеџиева