GOYA* – Изложба на фотографии на Марија Грујовска

Изложбата GOYA* на фотографката Марија Грујовска ќе биде отворена на 3 октомври, во кафе-книжарницата „Децата од нашата улица“. На неа ќе бидат изложени 20 фотографии, кои пренесуваат дел од урбаниот и од руралниот живот во Непал.

„Нејзините фотографии раскажуваат, мирисаат и топлат, ја предаваат сета убавина на обичноста, така што претопувањето во портретот или во местото уловено од нејзиното око, претставува вистинска леснотија и уживање.  Објективот на Марија ја сместува во рамка нејзината длабока поврзаност со Непал. Овие фотографии ја споделуваат магијата на секојдневјето од оваа земја, кое е полно со предизвици, но и богато во својата шареноликост, доближувајќи и’ го на македонската публика повеќе од кога било“, се наведува во најавата за изложбата чие отворање е закажано во 20:00 часот.

Гоја (yрду: Goyа, анг. as if) го означува потиснувањето на недовербата, кое се јавува кај читателот, слушателот или гледачот. Го објаснува нивното претопување во наративноста, која постепено се преобразува во нивна реалност.

Марија Грујовска (1992, Скопје) дипломира на Универзитетот во Виена, отсек Антропологија. Нејзината страст за различни култури ја носи во Непал, веќе трета година по ред, каде што истражува и се инспирира. Одлучува да ги фотографира речиси незабележливите моменти што се случуваат меѓу големите туристички атракции, така што нејзината фотографија станува поинтимна и поблиска до набљудувачот, а истовремено го напушта моделот на конвенционалните туристички каталози.