Хелсиншки: Полицијата употреби прекумерна сила на вчерашниот протест

Хелсиншкиот комитет за човекови права преку свои претставници беше присутен на вчерашниот протест пред Владата на Република Македонија, на кој граѓаните повторно го изразија својот револт за непреземањето на одговорност за убиството на Мартин Нешковски.

Хелсиншкиот комитет забележа дека полицијата при истиснувањето на граѓаните употребила несразмерна и прекумерна сила и најостро го осудува агресивното однесување на дел од учесниците на протестот.

„Комитетот ја повикува полицијата целосно да го почитува правото на граѓаните на јавен собир и изразување на мислење, а граѓаните да го практикуваат своето право на мирен и ненасилен начин. Истовремено, Комитетот ги повикува сите граѓани кои беа приведени во вчерашните инциденти и врз кои беше применета прекумерна полициска сила да се обратат во кацеларијата на Комитетот со цел евидентирање на сите случаи и обезбедување соодветна правна помош“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Според информациите со кои располага Комитетот, во вчерашните инциденти биле приведени повеќе од четириесет лица, од кои најголемиот дел се уште се задржани во повеќе полициски станици во Скопје. Претставниците на Комитетот забележаа дека голем дел од приведените не биле дел од групата која се судрила со полицијата, а дел од нив воопшто не учествувале во протестот.

„Полициските службеници не ја ограничија употребата на сила само на оние граѓани кои беа агресивни кон нив, туку неселективно ги удираа и газеа сите граѓани, од кои голем дел седеа мирно на земја со кренати раце. Потоа полицијата пристапи кон приведување на учесниците во протестот. При приведувањето, полицијата повторно примени неселективна, прекумерна и несразмерна сила. Приведувањето траеше и кога граѓаните повеќе не учествуваа во протестот и заминуваа кон своите домови“, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Протестот започна во 18 часот со спонтано собирање на граѓаните по објавувањето на бомбата на СДСМ за случајот „Нешковски“ со која опозицијата ја обвини власта дека го прикрила убиството на момчето. Нешковски беше убиен од припадникот на специјалните полициски сили Игор Спасов, на 6 јуни 2011 година на скопскиот плоштад, по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по повод победата на парламентарните избори.

До 20:30 часот, протестот беше без поголеми инциденти и судири помеѓу граѓаните и полицијата. Првите посериозни судири со полицијата започнаа околу 22 часот. Тогаш, полицијата започна со разбивање на сите граѓани кои беа пред Владата.

Од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници пак, жестоко реагираат на насилните и брутални методи применети врз новинарите, снимателите и фоторепортерите од полицијата во текот на демонстрациите. Тие велат дека новинарските екипи биле попречувани да ги снимат и регистрираат тепањата и повредените демонстранти.