На 15-от состанок на Конвенцијата за заштита на миграторните видови диви животни (CMS COP15), одржан во Бразил, беше усвоена нова регионална стратегија за зачувување на балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus), која ќе важи во периодот 2026–2035 година, информираат од Македонското еколошко друштво.
Стратегијата предвидува долгорочен пристап кон зачувување на подвидот, со акцент на заштита на живеалиштата, поврзување на шумските области и подобрување на генетската разновидност за намалување на ризикот од исчезнување. Со оглед на тоа што ареалот на балканскиот рис се протега низ повеќе држави, документот го истакнува значењето на прекугранична соработка меѓу институциите и организациите.
Придружниот настан на CMS COP15, на кој се дискутираше за ефективни мерки за зачувување и регионална соработка, беше организиран од Министерство за животна средина и просторно планирање.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која се спроведува во Македонија повеќе од 20 години, ќе биде меѓу иницијативите вклучени во спроведувањето на стратегијата во наредниот период.
Стратегијата се смета за важен инструмент за заштита на подвидот и за поттикнување на регионална соработка за зачувување на биолошката разновидност.



