Владата го утврди Предлог-законот за парнична постапка, на предлог на Министерството за правда, со што се отвора пат за значајни реформи во правосудниот систем.
Меѓу клучните новини е воведувањето задолжително застапување од адвокат, како и уредување на важни процесни прашања како вештачењето, доставата и споровите од мала вредност. Предвидено е и намалување на паричните казни за учесниците во постапката, со цел да се обезбеди поголема правичност.
Законот носи и дигитални новини. Се унапредува електронското работење и доставата, а се овозможува и одржување на рочишта по електронски пат, што треба да придонесе за побрзи и поефикасни постапки.
Се воведуваат и претставнички тужби, со што се овозможува заштита на колективните интереси на потрошувачите, што претставува важен исчекор во зајакнување на нивните права.
Од Министерството за правда информираат дека законот е резултат на двегодишна работа на експертска група, во која биле вклучени претставници од судството, академската заедница, стопанството и граѓанскиот сектор. Во процесот биле разгледани стотици коментари и предлози од јавноста.
Со неговото донесување се очекува значително унапредување на парничната постапка и зајакнување на довербата во правосудниот систем.



