Месецот март, освен што ја буди природата, ги интензивира и еко-активностите во Преспанскиот регион. Во изминатите две седмици, стотина деца, ученици и наставници од основното училиште „Мите Богоевски“ во Ресен и од подрачното училиште во с. Јанковец учествуваа на едукативни работилници посветени на правилното управување со отпадот.
На работилниците учениците разговараа за тоа како секојдневно создаваме отпад, дома, во училиштето и на јавни места, но и учеа како со мали промени во навиките може значително да се намали загадувањето на животната средина. Покрај тоа што стекнаа нови знаења, тие споделија и сопствени идеи, примери од секојдневието и предлози за подобро управување со отпадот во нивната заедница.
Еко Герила Преспа ги реализираше работилниците како дел од кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС), а е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.
Извор: presparazbudise.mk















