Прашањето за одлучување за сопствената смрт: Случајот од Шпанија покрена стара етичка дилема

Ноелија беше дваесет и петгодишна девојка од Барселона со параплегија, која со месеци се бореше да го оствари правото на еутаназија, односно медицински потпомогната смрт.

Иако нејзината одлука беше поддржана од лекарите, како и од највисоките судски инстанци во земјата, процесот повеќепати беше одложуван поради правни постапки кои ги покрена нејзиниот татко со поддршка на верски организации.

Нејзината желба конечно беше исполнета во четврток, на 26 март во попладневните часови, но останаа отворени многу прашања.

Скок, страдање и одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур

Сè започна со скок од петти кат по претрпено вознемирување, што резултираше со параплегија со 75 проценти инвалидитет. Меѓутоа, бидејќи во нејзината медицинска документација е забележано дека пред овој настан таа се соочувала со психолошки тешкотии, правниот тим на нејзиниот татко ја искористи оваа фактичка состојба за да го замрзне целиот процес.

Нејзината состојба беше опишана од лекарите како „неповратна“, проследена со хронична болка и психолошки страдања, што е во согласност со предвиденото во шпанскиот закон за одобрување на еутаназија.

Скорешната одлука на Европскиот суд за човекови права во Стразбур да го одбие последниот барање за привремено стопирање на еутаназијата претставува пресвртница во овој случај, бидејќи практично значеше зелено светло нејзината одлука да се спроведе.

Шпанските медиуми наведуваат дека здравствената состојба на Ноелија дополнително се влошила во текот на месеците на правните борби, а чекањето според зборовите на лекарите „ги продлабочило и физичкото и емоционалното страдање“.

Прашањето на еутаназијата

Меѓу личната волја и семејните уверувања

Еден од клучните аспекти на овој случај е судирот меѓу личната автономија на пациентот и ставовите на семејството. Ноелија повеќе пати јасно истакнуваше дека сака „да замине во мир и да престане да страда“, без оглед на противењето на членовите на семејството.

Случајот отвора важно правно прашање: дали членовите на семејството имаат право да ја оспоруваат одлуката на возрасна личност која според проценката на стручњаците е способна самостојно да одлучува за својот живот и смрт.

Шпанија ја легализира еутаназијата во 2021 година, со што стана една од ретките држави кои јасно го регулираат правото на медицински потпомогната смрт.

Законот предвидува строги услови, според кои лицето мора да има сериозна и неизлечива болест која предизвикува страдање, а таа одлука мора да биде доброволна и пациентот информиран за сите околности. На крајот, одлуката мора да биде прегледана и потврдена по определен временски период.

За многумина одговорот е јасен – правото на достоинствена смрт треба да му припаѓа исклучиво на оној што ја донел таа одлука, додека за други тоа е прашање кое никогаш не може да биде исклучиво лично.

Извор: NG