Европска комисија отвори истрага против Snapchat поради сомневања дека апликацијата ги изложува малолетниците на опасности како што се злоупотреба, сексуална експлоатација и други криминални активности, објави The Guardian.
Истрагата е покрената во рамки на Законот за дигитални услуги (DSA), кој има за цел да ја подобри безбедноста на интернет-просторот, особено за децата. Регулаторите се сомневаат дека возрасни лица се претставуваат како малолетници за да воспостават контакт со деца преку платформата, како и дека апликацијата може да биде извор на информации за дроги и производи со старосни ограничувања.
Според податоците, Snapchat има околу 94,7 милиони месечни корисници во Европската унија и е особено популарен меѓу младите. И покрај минималната дозволена возраст од 13 години, значителен број помлади деца ја користат апликацијата, што отвора прашања за ефективноста на контролите за возраст.
Од Европската комисија посочуваат дека корисниците не добиваат доволно јасни насоки за приватност и безбедност, а механизмите за пријавување нелегална содржина не се доволно едноставни за користење.
Од Snapchat, пак, соопштија дека безбедноста на корисниците е нивен приоритет и дека постојано ги подобруваат заштитните мерки.
Во одделна одлука, Комисијата покрена постапка и против четири порнографски платформи, поради тоа што истите, како што се наведува, не успеваат да спречат пристап на малолетни лица до содржина наменета за возрасни.
Истрагата покажала дека овие платформи се потпираат на неефикасен систем на самодекларација, каде корисниците само потврдуваат дека имаат над 18 години. Според податоците, изложеноста на ваква содржина кај децата е висока во повеќе земји на ЕУ.
Компаниите имаат право да одговорат на наодите, а доколку се утврдат прекршувања, можат да се соочат со казни до 6% од нивниот годишен приход.
Извор: The Guardian



