Во сабота со почеток во 20:30 во новите простори на „Буква“ на „Рузвелтова 5А“ ќе се случи промоција на првата стихозбирка на Мартин Џорлев, „На Балкан, сам“. Стихозбирката ги сочинува текстовите на песните од музичкиот проект „На Балкан, сам“ од бендот Животни, како и фотографии и куси осврти кон албумот и кон песните застапени во книгата.
„Песните осмислено зборуваат, пеат за младешкиот идентитет, бивањето млад човек во оваa доба, во овој регион, во овие земји. Лирскиот субјект на моменти е носталгичен, на моменти е тажен, почесто е оптимистичен и радосен и често се навраќа кон минатото кое секогаш е во некаква паралела со неизвесната иднина. Тој во неколку наврати реферира и на наследството на колективноста што е вкоренета во екс-ју земјите, а којашто денес, во нашата генерација, е донесена на ниво на решение за проблемите што постојат меѓу нас. Таа колективност е лајтмотив на албумот, а се потврдува токму со стиховите ‘Ние сме млади / засекогаш млади’“ вели, во својот осврт, Андреј Медиќ Лазаревски којшто ќе ја промовира книгата.
Книгата „На Балкан, сам“ е објавена како втора книга во едицијата „ПоезијаМинус“ на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, а на неа работеа Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова како уредници, Јованчо Димоски како технички уредник и дизајн на корица, Љупка Евроска ја направи лектурата, а фотографиите се на Теодор Тасевски.
„‘На Балкан, сам’ е редок и универзален албум. Тој е интимно и лирско себеанализирање, но и генерациско рефлектирање на многу аспекти. Тој е целосно локално посветен, а истовремено и глобално освестен. „На Балкан, сам“ е и осаменички и колективен повик, тој е и смирување и бунтување. Сето ова важи и за книгава оти ‘На Балкан, сам’ е ем албум ем книга.“ додава Медиќ Лазаревски во освртот.
Мартин Џорлев (2001, Скопје) е музичар, поет, композитор, продуцент и организатор на музички настани. Тој е основач на групите „Луфтанза“, „Стој, после!“, „(точка) ком“, „О, убавче“ и „Животни“. Воедно е еден од основачите на колективот „Гола Планина“ и издавачката куќа „Мртов коњ“.
Со неговите групи има свирено низ цела Македонија и низ цела Европа, од главните градови и скриените ќошиња на Балканот, до Гронинген (ESNS, Lufthansa), па сѐ до Талин (Tallinn Music Week, Lufthansa). Со многу изданија под капата на „Канал 103“, „PMG Recordings“ и „Мртов коњ“ (од првиот негов албум, под името Lufthansa – Demo Tape I, до неговиот најнов албум, под името Животни – На Балкан, сам), неговата музичка дејност се одликува со висока продуктивност. Како идеолог и организатор на фестивалот „Сепак се врти“ (фестивал со цел сплотување на македонските градови и ширење на култура низ целата земја), а и како претставник на идејата за младинска и уметничка колективизација, неговата дејност (вклучувајќи ја и тематиката на неговата музика) има несомнена политичка и филозофска димензија.
По промоцијата на книгата ќе следи концерт на бендот „Дивоградба“.



