КСЗД: Над 550 предмети за дискриминација во 2025, најчести пријави по етничка основа

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во 2025 година работела на вкупно 559 предмети, од кои 448 се новоотворени, а 111 се пренесени од претходната година. Од новите случаи, дури 444 се претставки поднесени од граѓани и организации, додека четири постапки се поведени по службена должност.

Најголем дел од претставките се однесуваат на дискриминација врз основа на национална или етничка припадност (22%). Следуваат политичко уверување (18%), лично својство и општествен статус (17%), образование (11%), пол (10%) и род (8%). Податоците покажуваат дека жените почесто пријавуваат дискриминација по основ на пол, род и образование, додека мажите доминираат кај пријавите поврзани со етничка припадност и политичко уверување.

Во однос на областите, најмногу претставки се поднесени во сферата на работата и работните односи (52%), по што следуваат образование (11%), пристап до добра и услуги (10%) и медиуми (10%).

Најмногу утврдена дискриминација во јавниот сектор

До крајот на 2025 година, КСЗД донела 359 одлуки, при што во 151 случај се водела постапка за утврдување дискриминација. Во 56 од нив (37%) е утврдена дискриминација, додека во 95 случаи не е констатирана.

Националната или етничката припадност е најчесто утврдена основа за дискриминација (29%), а најголем број случаи се евидентирани во институциите од јавниот сектор (68%). Следуваат приватниот сектор (20%) и медиумите и социјалните мрежи (13%).

Комисијата во текот на годината активно учествувала и во судски постапки како „пријател на судот“, поднесувајќи три барања за случаи поврзани со дискриминација по повеќе основи. Дополнително, дала препораки за измени на закони и спровела низа едукативни и превентивни активности, вклучително и кампањи за заштита на децата и унапредување на еднаквоста.

Годишниот извештај на КСЗД дава детален преглед на работата на Комисијата, со фокус на статистичките податоци, институционалната соработка и напорите за унапредување на системот за заштита од дискриминација во државата.