Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) го отвори традиционалниот конкурс за доделување на „Награди за новинари кои ги гледаат невидливите“, повикувајќи ги новинарите да аплицираат и да го споделат повикот со своите колеги.
Право на учество имаат новинари кои во периодот од 20 март 2025 до 16 март 2026 објавиле новинарски дела поврзани со теми како сиромаштија и социјална исклученост. Секој новинар може да пријави едно дело, без ограничување во однос на форматот или медиумот.
Рокот за пријавување е 31 март 2026 година, а апликацијата е достапна онлајн. Организаторите информираат дека за дополнителни прашања заинтересираните можат да се обратат преку електронска пошта.
Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 16 јуни, во присуство на претставници од мрежите против сиромаштија од повеќе земји кои го спроведуваат проектот.
Овие награди се препознатливи по својот пристап „одоздола“, бидејќи членовите на жирито се луѓе со лично искуство со сиромаштија. Целта е да се промовира одговорно новинарство кое ги осветлува комплексните аспекти на сиромаштијата, ги почитува достоинството и гласот на граѓаните и избегнува стереотипи и сензационализам, велат од МППС.
Како што се наведува во соопштението со оваа иницијатива, МППС продолжува да ја поддржува улогата на новинарите во создавање поинклузивно и поосвестено општество.



