По повод Светски ден на водата, организацијата Новинари за човекови права објави порака во која се нагласува дека пристапот до чиста вода и санитарни услови е основно човеково право, директно поврзано со менструалната хигиена и здравјето на девојчињата и жените.
Во објавата се потенцира дека недостатокот од вода, сапун и приватни тоалети има сериозни последици – од пропуштени училишни денови, до зголемен ризик од инфекции и намалена самодоверба. Ова особено ги погодува младите девојчиња во ранливи заедници.
Глобалните податоци ја потврдуваат сериозноста на проблемот. Според UNICEF, околу 1,7 милијарди луѓе во светот сè уште немаат основни хигиенски услови, а 611 милиони немаат ниту можност за миење раце дома.
Истовремено, речиси една од четири адолесцентки (околу 156 милиони) нема пристап до основни хигиенски услуги, додека околу 121 милион девојчиња немаат соодветни санитарни услови.
Недостигот од инфраструктура директно влијае и врз образованието. Повеќе од 10 милиони девојчиња во 41 земја пропуштаат училиште или други активности за време на менструација поради несоодветни услови.
Дополнително, во 7 од 10 домаќинства без вода во домот, товарот за нејзино обезбедување паѓа врз жените и девојчињата, што дополнително го ограничува нивното образование и развој.
Од организацијата апелираат за системски решенија – обезбедување пристап до чиста вода, безбедни и приватни тоалети и едукација за менструалното здравје. „Водата значи достоинство, а достоинството не смее да има компромис“, се наведува во пораката.
Врската меѓу водата и менструалното здравје
Истражувањата на UNICEF покажуваат дека без пристап до вода и санитарии, девојчињата често користат небезбедни материјали и немаат услови за приватност, што го зголемува ризикот од инфекции и психолошки стрес. Исто така, неможноста за одржување на хигиена директно влијае врз нивното учество во образованието и општествениот живот.
Според Светската здравствена организација, околу 2 милијарди луѓе во светот користат извори на вода што се контаминирани со фекалии, што значително го зголемува ризикот од заразни болести. Недоволниот пристап до безбедна вода, санитарии и хигиена е поврзан со над 800.000 смртни случаи годишно, главно од дијареални заболувања. СЗО нагласува дека подобрувањето на водоснабдувањето и хигиенските услови е клучно за заштита на здравјето, особено кај жените и децата.
Магдалена С. Константинов



