Светската здравствена организација (СЗО), Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) ја поздравуваат Македонија за напредокот постигнат во намалувањето на смртноста кај новороденчињата и децата до петгодишна возраст во текот на изминатата деценија, позиционирајки ја земјата меѓу најдобрите во светот во остварувањето на Целта за одржлив развој 3.2, известуваат од УНИЦЕФ во Македонија.
Како што се наведува во соопштението овој напредок доаѓа во време кога глобалните достигнувања се значително забавени, при што секоја година има милиони смртни случаи на деца што можеле да се спречат. Иако многу земји доцнат со исполнување на глобалните цели, според извештајот Македонија покажува дека постојаната политичка заложба, цврстите политики и реформите на здравствениот систем засновани на докази може да донесат брзи и трајни резултати.
Од 2015 година, Македонија постигна најголемо подобрување кај преживувањето на децата во светот, намалувајќи ја неонаталната смртност за 87 проценти и смртноста кај децата под пет години за 75 проценти.
Овие резултати се одраз на трансформацијата на грижата за мајките и новороденчињата, предводена од државата, се вели во соопштението.
Според нивните наводи по скокот на смртни случаи кај новороденчињата во 2015 година, Министерството за здравство – поддржано од СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА – брзо ги зајакна услугите за итна акушерска и неонатална грижа, ги ажурираше клиничките протоколи, ги подобри практиките за неонатална реанимација и превенција на инфекции, ги унапреди системите за упатување и ја зајакна стручната грижа при породување.
Реформите подоцна беа институционализирани преку Генералниот (мастер) план за перинатална грижа 2020-2030 и рутинските ревизии на перинаталната смртност, втемелувајќи одговорност, учење и нега заснована на проценка на ризикот на сите нивоа во системот, велат од УНИЦЕФ.
Квалитетната пренатална нега, квалификуваниот здравствен персонал при породување, ефикасните системи за упатување и континуираното следење на исходот остануваат меѓу најефективните и најисплатливите инвестиции што земјите може да ги направат е нивната крајна порака.
Намалување на стапката на смртност во Македонија во 2024 година
Според официјални податоци на Државен завод за статистика за 2024 година (последни јавно достапни и обработени), стапката на смртност кај новороденчиња во Македонија изнесува околу 2,9 на 1.000 живородени деца. Во текот на годината се регистрирани 16.061 живородено дете и 47 починати доенчиња на возраст под една година.
Овој показател бележи стабилно ниско ниво и ја позиционира Македонија блиску до просекот на развиените европски земји. Во споредба со претходните години, трендот покажува значително намалување на доенечката смртност, која пред една деценија беше повеќе од двојно повисока, се вели во соопштението на ДЗС.



