Филмот „Малдорор“ од Фабрис ди Велц, добитник на наградата на Јадранската мрежа на фестивали, во кината низ Македонија

Филмот Малдорор на режисерот Фабрис ди Велц ја освои наградата на публиката на Adriatic Audience Award, која беше доделена на 31. издание на Фестивал на авторски филм Белград.

Ова признание, доделено од Јадранска мрежа на фестивали, има за цел да ја зголеми видливоста на европските филмови. Благодарение на наградата, „Малдорор“ ќе се прикажува од 19 март до 9 април во повеќе градови низ регионот, меѓу кои Белград, Сараево, Љубљана, Загреб, како и Скопје, Битола и Охрид.

Во Македонија, проекциите ќе се одржат во Кино Манаки (19 и 21 март), Центарот за култура во Битола (25 и 26 март), ФИОФА во Охрид (27 и 28 март), како и во Кинотека (7, 8 и 9 април) и Синеплекс.

Рецензентите го коментираат „Малдорор“ како – трилер инспириран од вистински настани во Белгија од средината на 1990-тите. Приказната започнува со исчезнување на две девојчиња, по што младиот полицаец Пол Шартие се приклучува на тајната единица „Малдорор“, формирана за следење на опасен престапник. Кога институциите потфрлаат, тој започнува самостојна потрага по правда.

Филмот нуди силен и реалистичен приказ на борбата против злото и слабостите на системот, отворајќи прашања за моралот, правдата и општествената одговорност. Станува збор за прв дел од планираната трилогија на ди Велц, посветена на темните страни на белгиската историја, се вели во рецензиите од гледачите.

Светската премиера „Малдорор“ ја имаше на Филмски фестивал во Венеција, каде што привлече внимание со својата атмосфера и наративна комплексност.

Критиката го истакнува интензитетот на филмот – според „Screen Daily“, делото потсетува на криминалистичките драми од 1970-тите, особено на филмовите на Сидни Лумет, додека „Cineuropa“ го опишува како амбициозна и повеќеслојна приказна за институционалните слабости и колективните трауми.