Светски ден на рециклирање во Македонија останува незабележен, најголема количина од отпадот завршува на депониите

Околу 99,8% од комуналниот отпад во Македонија завршува на депониите, додека реалната стапка на рециклирање на вкупниот комунален отпад е многу ниска, под 1%, што е значително под европските стандарди. Единствено кај одредени категории, како пакувачкиот отпад, се забележува напредок со рециклирање околу 58–65%, но генералната состојба за целокупниот систем не е задоволителна, оценуваат од Гоу Грин.

За да се подобри управувањето со отпадот и заштитата на животната средина потребни се системски промени, подобра инфраструктура и поголема вклученост на граѓаните, вели Дејан Василевски од „Гоу Грин“. Според него, Скопје, како главен град, нема доволно  рециклажни центри и не се рамномерно достапни за сите граѓани. Поради ограничениот број пунктови за селекција и нееднаквата инфраструктура, поголемиот дел од отпадот сè уште се собира како мешан комунален отпад и завршува во „Дрисла“.

Се селелктира само дел од пластиката, малку електронски отпад и хартија, преку уличните собирачи на хартија. Тоа покажува дека е потребно системско решение за полесно и редовно користење од страна на сите граѓани, па дури и по цена за плаќање на драстични казни, како што е случајот со Хрватска и Словенија.

Фото: Исмет Шабановиќ

Селекцијата на отпадот почнува уште од дома 

Законот за управување со отпад во Македонија е донесен во 2021 година, како дел од усогласувањето со европското законодавство, особено со рамковната директива на ЕУ за отпад. Со него се уредува целокупниот систем на постапување со отпад – од создавање, селекција и собирање, до транспорт, третман, рециклирање и конечно отстранување.

За спроведување на законот надлежно е Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со Државниот инспекторат за животна средина, додека општините имаат клучна улога во организирање на локалните системи за собирање и селекција на отпад.

Законот разликува повеќе посебни типови на отпад, меѓу кои: комунален отпад, опасен отпад, индустриски отпад, биоразградлив отпад, отпад од пакување, електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори, отпадни масла, гуми и возила. Според членовите 9 и 10, се воведува хиерархија на управување со отпад, каде приоритет имаат превенцијата, повторната употреба и рециклирањето.

Обврската за селекција и рециклирање е дополнително разработена во повеќе одредби, особено во член 63, каде се предвидува одвоено собирање на хартија, метал, пластика и стакло, како и посебни текови на отпад кои мора да се третираат одделно. Законот исто така предвидува воведување системи за проширена одговорност на производителите, со цел зголемување на стапките на рециклирање и намалување на депонирањето.

Од Гоу Грин велат дека едукацијата е важен сегмент од правилното управување со отпадот и грижата за животната средина, затоа потенцираат дека селекцијата на отпадот треба да започне уште од дома.

Правилното селектирање значи одвојување пластика, хартија, стакло и органски отпад уште пред да се фрли. На тој начин овозможуваме тие материјали да се рециклираат или повторно да се користат, а количеството отпад што завршува на депониите се намалува, заклучува Василевски.

Кој отпад се селектира и рециклира?

Законот не дава само една „листа за домаќинства“, туку ги дели отпадите во категории и текови. Практично, во Македонија се селектира и рециклира:

Комунален отпад (од домаќинства) кој е најчесто селектиран отпад: хартија и картон, пластика, стакло и метал. Овие материјали според извештајот на Министерството за животна средина и просторно планирање имаат и највисоки стапки на рециклирање (хартија, метал, стакло итн.)

Втора категорија е отпад со пакување регулиран и со посебен закон Законот за управување со пакување и отпад од пакување и тој се однесува на: пластични шишиња и амбалажа, стаклена амбалажа, метални лименки, хартиена и картонска амбалажа и дрвена амбалажа.

Трета категорија на отпад е посебен тип на отпад кој претставува дополнителен ризик врз животната околина и за кој се подразбираат посебни услови на чување, складирање и преработка. Во посебен тип на отпад спаѓаат: батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад (апарати, компјутери), отпадни гуми, отпадни масла, возила (старо железо) и текстил.

Фото: Исмет Шабановиќ

Еден тон текстилен отпад е собран за само еден месец од поставувањето на првите контејнери за текстилен отпад на територијата на општина Кисела Вода, соопштија минатиот месец од општината.

Според податоците добиени од лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје, најголема количина е собрана од контејнерот поставен во населбата Расадник, велат од општина Кисела Вода.  Во моментов се поставени 15 контејнери на различни локации пред месните заедници, а паралелно се изработуваат уште 15 нови, кои во следната фаза ќе бидат поставени пред основните училишта и детските градинки. Со тоа, вкупниот број ќе достигне 30 контејнери, а иницијативата ќе добие и силна едукативна компонента, насочена кон најмладите, стои во соопштението. 

Најголема загриженост предизвикува четвртиот вид на отпад, именуван како „опасен отпад“. Покрај тоа што претставува директно загрозување за животната средина, овој тип на отпад може директно да предизвика штети по општото здравје и благосостојбата, поради што се собира и третира под строги правила. Во четвртата категорија на отпади спаѓаат: медицинскиот отпад, хемикалиите и индустриските опасни материјали.

Селектирани 18.100 тони отпадна амбалажа на територија на општина Сопиште 

Според достапните податоци за 2025 година, во општина Сопиште се селектирани вкупно 18.100 тони отпадна амбалажа, од кои 7.100 тони се стаклена, а 11.000 тони пластична амбалажа, велат од општината за Радио МОФ. Овие количини покажуваат дека пластиката учествува со околу 61% од вкупната селекција, додека стаклото со 39%, што е во согласност со современите трендови на потрошувачка.

Селекцијата е извршена во 5 населени места во Општина Сопиште од садови поставени на јавни површини за стакло и пластика, и во 4 населени места од домаќинства исклучиво за пластична амбалажа, потенцираат од општина Сопиште.
Овие податоци се земени од белешки за депониран отпад на депонијата каде што се носи овој вид на отпад, што значи дека реалната селекција на населението е малку поголема од прикажаното бидејќи и депонијата ја одбира транспортираната амбалажа.

Фото: Исмет Шабановиќ

Одговори за справување со отпад во рамките на комуналните претпријатија на ниво на општина побаравме и од општина Центар како урбана средина во која има предизвици во справување со отпадот, но од таму не доставија одговори дали водат евиденција и со кои статистички податоци за селектираниот отпад на ниво на општина располагаат. Министерството за животна средина, како надлежно министерство исто така не го одбележа Светскиот ден на рециклирањето.

Најмногу отпад бил произведен во 2023 година, во 2024 забележан тренд на опаѓање

Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот 2022–2024 година се забележуваат промени во количините на создаден и собран комунален отпад.

Во 2023 година е регистриран значителен раст на вкупно создадениот отпад, кој изнесувал 878.303 тони, односно 503 килограми по жител. Тоа претставува зголемување во однос на 2022 година, кога биле создадени 856.766 тони (467 килограми по жител). Овој период се смета за највисока забележана вредност во последните години.

Во 2024 година се бележи намалување на вкупно создадениот отпад во споредба со 2023 година, но истовремено продолжува умерен раст на количината на собран отпад. Ова укажува на постепено проширување на системот за организирано собирање отпад.

Домаќинствата создаваат најголема количина на мешан комунален отпад

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика и Министерството за животна средина, најголемите количини на отпад во државата се генерираат во одредени региони и сектори.

На регионално ниво, најголем генератор на комунален отпад е Скопскиот регион. Поради најголемата концентрација на население, економска активност и урбанизација, овој регион учествува со приближно една третина од вкупниот собран комунален отпад во државата. Ова го прави главен центар на создавање отпад на национално ниво.

Кога говориме за секторите, најголеми количини на индустриски и особено опасен отпад се поврзани со производствените дејности, со акцент на рударството и енергетскиот сектор. Овие индустрии генерираат значителни количини технолошки и опасен отпад кој бара посебен третман и контрола.

На тема комуналнен отпад, најголем дел од вкупно собраните количини потекнува од домаќинствата, односно околу 84% од целокупниот отпад. Ова укажува дека граѓаните се главен извор на комунален отпад, што дополнително ја нагласува потребата од подобрување на системите за селекција, рециклирање и намалување на отпадот на ниво на домаќинство.

Магдалена Стојмановиќ и Исмет Шабановиќ за ©Радио МОФ