Мобилност наместо миграција и соодветна проценка на можностите е неопходна за подобра позиција на младите во регионот

Скопје беше домаќин на Регионална програма за мобилност на млади лидери во периодот од 9-13 Март. Програмата обединува млади истражувачи од три различни држави при регионот и тоа Македонија, Србија и Албанија, кои притоа работат на развивање истражувања и иницијативи за застапување на теми како што се: регионална соработка, миграција, младинско учество, вработување и дигитална и зелена транзиција.

Во рамки на програмата тие ги посетија институциите кои работат на прашања поврзани со млади и областа на дејствувувањето која е релевантна за темите на младите истражувачи. Групата ги посети: Министерство за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација, Локалната канцеларија на RYCO во Македонија, Министерството за правда, Кабинетот на претседателот, Народниот правобранител, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Go Green, Мрежата Stella и Македонскиот институт за медиуми. Истражувачите имаа и средба со пратеникот Сергеј Попов од Собранието.

Младите истражувачи имаа можност да се занимаваат со прибирање на податоци преку разговори во надлежните институции, добивање на насоки за понатамошниот тек на истражувачања и собирање на искуства и размена на совети со цел утврдување на состојбата на младите луѓе во Македонија, но и нивните предизвици во однос на младите во регионот.

Едит Бабамето е млада истражувачка од Албанија, која работи на темата: „Како отсуството на препознавање на фемицидот како посебно казниво дело придонесува за институционален неуспех во заштитата на жените од родово-базирано насилство“. Во разговорот за Радио МОФ, таа потенцираше дека според неа целокупната емоционална состојба на младите луѓе во Албанија не е толку различна од ситуацијата на младите луѓе во светот.

Едит Бабамето

-Како и другите млади луѓе и јас бев турната во сиромаштија во Албанија и идејата дека надвор особено во Европа дека ако е малку поблиску до нашата култура, тие надвор можат да нѐ ценат многу повеќе. Исто така, дека во Европа можат да ги видат нашите вредности исто како и ние самите, истакна Бабамето во разговор за Радио МОФ.

За иселувањето на младите луѓе од нивните матични држави, говореше и Јана Крстиќ, млада истражувачка од Србија која во моментот е студент по филозофија. Таа ја посочи корупцијата во Србија како главен причинител за масовното иселување на младите луѓе надвор од државата.

Јана Крстиќ

-Според истражувањата на КОМСА, тоа е кровна организација на младите во Србија, чии податоци покажуваат дека секоја година по еден град со големина на Врање се иселува. Покрај корупцијата, еден од главните причини е и образованието, проблемите во образованието. Ние имавме во изминатите 15 месеци, колку што и траат студентските протести, масовни отпуштања на професорите и на факултетите, но и на другите образовни институции, заклучува Крстиќ.

 

Проценка на можностите и перспективите

Во однос на можностите кои ги нудат матичните држави за младите, групата од млади луѓе со која разговараше Радио МОФ, истакна дека, во овој поглед, повеќе владее критиката и се нагласуваат недостатоците на системот, отколку реалните можности за развој на младите и младинското учество во креирање на политики кои се однесуваат на младиот човек, што, пак е директна причина за големата стапка на миграција и одливот на мозоци.

Јана Иванова е дел од групата за младинско учество од Македонија. Нивната истражувачка тема е: „Отсуство на можности за вклучување на младите во процесот на одлучување“. Според неа, многу од младите во Македонија не се запознаени со можностите кои им се нудат на младите луѓе.

Јана Иванова

-Младите треба да бидат поинформирани за да имаат доверба во институциите и потребно е повеќе да се запознаат со механизмите кои им се нудат преку програмите за младинско учество, како што е и Регионалната програма за младинско учество, организирана од Центарот за наука, иновации и развој од Албанија, Младинскиот Образовен Форум од Македонија и Иницијативата на младите за човекови права од Србија, истакна Иванова.

 

За разлика од Иванова која проблемот го лоцираше во недоволно развиена јавна свест за можностите кои се нудат на младите за нивно активно учество во носење на одлуки кои ги тангираат, Марио Кучи, од Албанија кој е дел од тимот за вработување кој ги истражува можностите и мерките што Србија, Албанија и Македонија ги имаат за вработување на лица со попреченост, истакна дека пристапот до подобри услуги на младата популација во Албија е поврзан со економскиот и социјалниот статус на поединците и групите.

Марио Кучи

-Мнозинството ја гледа можноста за напредок, не во Албанија, ниту на Балканот, туку во западните држави, бидејќи таму можностите се поголеми и сигурноста е повисока, заклучува Кучи.

Младите во регионот согласни околку ставот дека позицијата на младите во трите држави е слична

Слична е позицијата на младите во сите три држави од регионот е заедничкиот став на интервјуираната група млади луѓе. Според нив, голем дел од младите луѓе размислуваат за заминување од својата матична земја поради недостаток на услови и можности на младите луѓе. Иако причините ги лоцираат во различни извори, од институционални, преку ниска јавна свест, до ограниченост на политики и законски решенија, заклучокот е дека афирмацијата на младинското учество не стигнува во соодветен капацитет до крајниот корисник, односно во случајот младите луѓе.