Разрешен директорот на гостиварскиот театар: Синдикатот на културните работници обвинува за реваншизам

По правосилни судски пресуди во корист на Синдикатот за култура и работниците во културата (СКРМ), донесени во Националната установа Театар Гостивар, вчера по брза постапка бил разрешен директорот на установата.

Од синдикалните претставници реагираат дека ваквата одлука претставува реакција на спроведувањето на судските пресуди и поставуваат прашања дали секој што ќе постапи спротивно на ставовите на министерот за култура Зоран Љутков ќе биде санкциониран.

Тие нагласуваат дека правосилните судски одлуки мора да се почитуваат и дека платите на вработените во Театар Гостивар треба да се исплаќаат согласно судската пресуда, без оглед на институционалните несогласувања.

Во реакцијата се посочува и дека во претходен период биле разрешувани членови на управни одбори, по што биле именувани нови состави кои донесувале одлуки согласно актуелните политики. Сега, како што се наведува, разрешувањата продолжуваат и на ниво на директори.

Од Министерството за култура засега нема официјален коментар за случајот.