Онлајн предавање „Неколку белешки за партиципативноста“ на словенечкиот куратор Тевж Логар

Словенечкиот куратор Тевж Логар ќе одржи предавање на тема „неколку белешки за партиципативноста“ во чии рамки ќе говори за историјата на партиципативната уметничка пракса како и за стратегиите што се користат при реализацијата на овој вид на уметнички дела.

Предавањето ќе се одржи на 1 април, а истото ќе може да се проследи преку Фејсбук страната на КСП Центар-Јадро.

„Уште од почетоците на појавата на партиципативната уметничка пракса се покренаа прашањата во врска со поимите за оригиналноста и авторството како и конвенционалните претпоставки за уметничкиот објект и улогата на гледачот. Како реакција на социјалното раслојување и комодификацијата на уметничкиот систем, уметниците започнаа да развиваат нови форми на политичка, реакционерна и социјално ангажирана пракса во широк спектар на медиуми, понекогаш целосно дематеријализирани, како перформанси, работилници, настани, публикации и просторни интервенции со вклучување на публиката, при што значењето на делото беше изведено од колективниот ангажман на учесниците“, наведува Логар во најавата за неговото предавање.

Тој додава и дека денес, партиципативната уметност се сфаќа како поим кој опфаќа широк спектар на уметнички практики што може да се дефинираат преку важноста на учеството, социјалниот ангажман, интеракцијата, социјалните мрежи и политички ангажираните процеси како централен интерес на уметничкото дело кое се оддалечува од парадигмата дека уметничките дела се дефинираат како стокови производи.

Предавањето на Логар е прво од серијата настани во рамки на проектот за реализација на партиципативен уметнички проект во организација на Центар-Јадро.

Тевж Логар (1979) работи како независен куратор, уредник и автор на теориски текстови и соработува со разни галерии и институции. На 58-то биенале во Венеција во 2019 година, тој соработувал со Павилјонот на Република Северна Македонија како кустос консултант и Павилјонот на Република Косово како автор на теориски текст објавен во каталогот .

Од 2009 до 2014 година, бил уметнички директор на галеријата Шкуц во Љубљана, Словенија и предавач по Историја на уметноста на 20 век, на Академијата за визуелни уметности (AVA) во истиот град. Автор е на сценариото за документарецот „Project Cancer: Ulay’s journal from November to November“ (2013 година) и е ко-основач на Фондацијата Улај (2014) во Амстердам, каде што е член на советодавниот одбор. Во 2014 година е номиниран за наградата Gerrit Lansing Independent Vision Award (Independent Curators International) во Њујорк. Живее во Риека, Хрватска.

Во најавата за настанот искористено е дело од циклусот Ovojeizam / Thisisism, 1970 – 1981 година од хрватскиот уметник Горан Трбуjак.