Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите и креаторите на дигитални содржини. Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) појаснуваат дека овие категории се третираат како даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање и, согласно законските измени, подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата.
Обврската важи за инфлуенсери кои ги обезбедуваат своите содржини преку платформи за видеа како Јутјуб, Инстаграм и ТикТок, доколку имаат најмалку 10.000 следбеници или претплатници, остваруваат економски интерес од објавените содржини и во последните 12 месеци имаат објавено најмалку 24 аудиовизуелни содржини. Дополнително, нивната содржина треба да има цел да информира, образува или забавува, а тие да имаат уредничка одговорност за објавеното.
Од АВМУ ги повикуваат сите инфлуенсери, влогери и креатори на содржини кои ги исполнуваат овие критериуми во најскоро време да достават пријава за евидентирање во Регистарот. Деталите за постапката се утврдени во Правилникот на Агенцијата, а дополнителни информации се достапни на нивната веб-страница.
Во меѓувреме, Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини соопшти дека ги отфрла Правилникот и Водичот донесени од АВМУ, оценувајќи дека тие се надвор од законските рамки и не се усогласени со реалноста на дигиталниот простор. Според нив, предложените акти не обезбедуваат системско решение за транспарентност и одговорност во интернет комуникацијата, туку создаваат правна несигурност и можност за различни толкувања.
Од Здружението нагласуваат дека инфлуенсерите не бегаат од одговорност и ја поддржуваат потребата од транспарентност, јасно означување на спонзорирани содржини и почитување на етичките стандарди. Сепак, сметаат дека регулирањето на оваа област треба да се спроведе преку инклузивен процес и решенија усогласени со европските практики.
Министерството најави консултации за нова регулатива
Во обид да се надминат разликите во ставовите, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски одржа работна средба со директорот и претставници на АВМУ, како и со претставници на инфлуенсерите и креаторите на дигитални содржини. Средбата имала за цел отворање дијалог околу состојбите со регулирањето на работењето во овој сектор во рамки на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
На состанокот било истакнато дека Министерството внимателно ги следи реакциите и ставовите на дигиталните креатори и дека процесот на креирање политики ќе се води преку транспарентни консултации со сите засегнати страни. Целта, како што било нагласено, е да се обезбеди современа и балансирана регулатива што ќе го поддржи развојот на дигиталната економија и креативните индустрии, а притоа ќе биде усогласена со европската регулатива.

Учесниците на средбата се согласиле дека е потребен отворен и инклузивен процес во кој институциите, регулаторот и инфлуенсерите заеднички ќе работат на унапредување на правилата и создавање јасна правна рамка за дигиталните содржини. Во наредниот период се очекува да продолжат консултациите, во кои ќе се разгледуваат предлозите и забелешките на здруженијата на креатори на содржини и другите заинтересирани страни.
Од Министерството порачаа дека остануваат посветени на создавање дигитален екосистем кој ќе поттикнува иновации, одговорност и доверба во онлајн просторот.



