По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Здружението „До бебе по патот на ИВФ“ организираше симболична акција со цел да испрати порака за поддршка, солидарност и охрабрување до жените кои се соочуваат со предизвиците на патот до мајчинството.
Во рамки на акцијата, претставници на здружението, заедно со пратеничките Емилија Ангелова, Лидија Петкоска и Жаклина Пешевска, како и градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменковска-Трајковска, ги посетија пациентките во неколку приватни клиники во Скопје. На жените кои се наоѓаат во процес на ин витро оплодување им беше подарено цвеќе како симбол на надеж, поддршка и солидарност.

Посетите беа реализирани во клиниките „Аџибадем Систина“, „Ремедика“, „Њуборн клиник“ и „ИВФ Мон Бебе“. За време на средбите, претставниците на здружението и на институциите имаа можност да разговараат со пациентките и медицинските тимови и одблизу да се запознаат со предизвиците со кои се соочуваат жените и паровите кои поминуваат низ процесот на асистирана репродукција.
Од здружението истакнуваат дека ваквите активности имаат за цел да ја подигнат јавната свест за репродуктивното здравје и да поттикнат поголемо разбирање и институционална поддршка за лицата кои се борат со неплодност.

„Секоја жена заслужува поддршка, разбирање и надеж. Дури и малите гестови на внимание можат да значат многу за оние кои минуваат низ овој тежок процес“, порачаа од „До бебе по патот на ИВФ“.


