Тринаесет млади истражувачи во изминатите две недели ги претставија резултатите од своите научно-истражувачки проекти поддржани со мал и среден грант во рамките на Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“, што ја спроведува Македонското еколошко друштво.
Програмата има за цел да обезбеди континуирана поддршка за младите еколози и да ги зајакне нивните професионални капацитети – од планирање на истражувањето, преку теренска и аналитичка работа, до презентирање на конечните резултати. Со тоа се создава основа за понатамошен академски и стручен развој на младите научници, но и за продлабочување на знаењата за важни еколошки прашања во земјава.

Во рамките на малите грантови, поддржани со вкупно над 657.000 денари, девет млади еколози – Анастасија Хаџисмилева, Јована Данова, Филип Крстески, Иван Арсов, Мила Стојановска, Николета Георгиевска, Христо Димитриевски, Јован Кароски и Михаил Жупан – истражуваа теми поврзани со екологијата на растителни и животински видови, одржливото користење на екосистемските услуги, како и загадувањето на водата, почвата и воздухот.
Со средни грантови, пак, беа поддржани истражувањата на Ангела Иванова, Маринела Цветаноска, Никола Радмановиќ и Јована Ѓорѓиевска, со вкупен износ од 728.541 денари во период од 21 месец. Нивните проекти придонесоа за идентификација на нови ендемични видови од групата Euphorbia glareosa, анализа на биоактивни соединенија кај ендемични растенија од прилепско-мариовскиот регион, истражување на биодиверзитетот на квасците кај житарките, како и утврдување на потенцијалот на белиот млечен трн за прочистување на почви од тешки метали.
Завршните извештаи од истражувањата наскоро ќе бидат објавени на веб-страницата на Македонското еколошко друштво. Програмата го носи името на покојниот професор Љупчо Меловски, а од 2020 година се реализира со финансиска поддршка од Фондацијата „Сигрид Раузинг“. На конкурсот за 2026 година пристигнал рекорден број апликации, кои моментално ги разгледува независна научна комисија.



