Извидничкиот одред „Еквинокс Скаут“ од Штип започна иницијатива за реновирање на младинскиот простор, со цел создавање подобри услови за активности, едукација и дружење на младите. Од одредот информираат дека преку досегашните активности и поддршката од заедницата веќе се обезбедени околу 30 проценти од потребните средства за реализација на проектот.
Проектот предвидува уредување и модернизација на просторот што го користат извидниците, со што ќе се овозможат поквалитетни услови за спроведување на едукативни работилници, обуки, состаноци и различни младински иницијативи.
Од „Еквинокс Скаут“ упатуваат јавен повик до општествено одговорни компании, институции и бизниси да се приклучат како партнери и донатори во овој проект. Поддршката може да биде финансиска, но и преку донација на материјали или услуги потребни за реновирањето на просторот.
Од одредот истакнуваат дека со заедничка поддршка од заедницата ќе се создаде функционален и модерен младински центар, кој ќе биде отворен за младите од Штип и ќе придонесе за развој на нивните вештини, креативност и активизам.



