Во издание на издавачката куќа Илика од печат излезе книгата „Скриениот човек“, во која се собрани три новели од рускиот писател Андреј Платонов. Книгата е и прво издание во новата едиција „Класици“ на издавачката куќа. Преводот од руски на македонски јазик го направи Милена Николовска.
Во книгата се вклучени три новели од обемниот опус на Платонов – „Скриениот човек“, „Враќање“ и „Реката Потудањ“. Авторот е современик на истакнати фигури од руската литература на XX век како Даниил Хармс, Варлам Шаламов и Михаил Булгаков, а неговите дела се одликуваат со силен стилски и тематски печат што го отсликува духот на времето во кое творел.
Новелите на Платонов се опишуваат како револуционерни, гротескни и необични, претставувајќи пример за врвна проза која ја прикажува сложената реалност на советското општество. Неговото непокорно пишување често било предмет на строга цензура, поради што голем дел од неговите дела биле објавени дури неколку децении по неговата смрт.
Во поговорот на изданието, напишан од уредникот Ведран Диздаревиќ, книгата се опишува како дело што претставува „реално размрдување на уредните ормани на повеќето познавачи на литературата на XX век“.
Андреј Платонович Платонов (1899–1951) се смета за еден од значајните автори на таканаречениот „висок модернизам“, често споредуван со писатели како Самјуел Бекет и Франц Кафка. На македонската публика ѝ е познат и по преводите на неговите романи „Девствено море“ и „Откоп“.
За време на владеењето на Јосиф Сталин, Платонов се соочувал со политички притисоци и цензура. Неговото творештво подоцна добило поширока меѓународна афирмација, меѓу другото и благодарение на поддршката од поетот Јосиф Бродски.




