Тимот Англија ја освои титулата на Европското дебатно првенство 2026

Изминатиот викенд во Скопје, Младинскиот образовен форум (МОФ) беше домаќин на Европското дебатно првенство за средношколци – еден од најзначајните настани за младите дебатери во Европа. На натпреварувањето учествуваа 40 дебатни тима составени од средношколци од 25 европски држави. Вкупно 325 учесници пристигнаа во главниот град, меѓу кои најголем дел беа дебатери, но и судии, набљудувачи и дебатни тренери.

Настанот претставуваше платформа за развој на критичко мислење, аргументирана дискусија и меѓународна соработка меѓу младите. Прелиминарните рунди се одржуваа на 28 февруари (сабота) и 1 март (недела) во просториите на СОУ „Орце Николов“, додека четвртфиналето, полуфиналето, финалето за почетници и големото финале се одржаа во Младински културен центар (МКЦ) на 2 март (понеделник). Во финалната дебата се соочија тимовите на Англија и Словенија.

Англискиот тим настапи како позиција, додека словенечкиот тим ја бранеше опозицијата на дебатната теза: Овој дом би го воспоставил Мултинационалниот конзорциум за општа вештачка интелигенција (MAGIC). По одлуката на судискиот панел, победничката титула ја освои тимот на Англија. Победничкиот тим го сочинуваа Аријаман Сарда (Aryaman Sarda), Маја Дроуин (Maya Drouin) и Итн Ланглеј (Ethan Langley), кои со убедлива аргументација и сигурен настап ги придобија судиите во финалната рунда.

Една од учесничките, Јуриј Пожар (Yurij Požár) од Czechia Б тимот кој влезе во четврт-финалето, истакна дека учеството на ваков настан претставува исклучително вредно искуство.

„Навистина сум благодарна што имав можност да се стекнам со ова искуство на Европското дебатно првенство. Ова беше моето прво вакво натпреварување и благодарна сум што бев капитен на мојот тим. Остварив пријателства со луѓе од многу европски земји и поминав низ многу дебатни емоции додека се подготвувавме. Организацијата беше одлична, немаше доцнења и одложувања, а работата на организаторите и волонтерите навистина ми се допадна“, вели таа.

Според неа, најважната лекција од првенството е значењето на дијалогот во современиот свет.

„Во овој поларизиран свет речиси секој се чувствува неслушнат и неразбран. Токму затоа сметам дека најважно е да се дебатира и да се разговара со спротивставената страна, активно да се учествува во важните општествени теми“, додава учесничката.

Една од организаторките на настанот беше Ивона Кузмановска, извршна директорка на Младински образовен форум (МОФ), организација со долгогодишно искуство во развојот на дебатната култура во земјава. Од 1999 година, членовите на дебатната програма на МОФ континуирано учествуваат на дебатни првенства, како за средношколци така и за студенти.

„МОФ веќе 27 години е единствената организација која нуди едукација за дебата, структурирано аргументирање и јавно говорење во Македонија. Во рамки на дебатната програма на национално ниво се организираат дебатни првенства за средношколци и студенти кои ги покажуваат своите дебатерски вештини и компетитивност“, истакнува Кузмановска.

Таа додава дека организацијата на Европското дебатно првенство се подготвувала долго и внимателно, со јасна цел – да се постават високи стандарди и да се покаже дека младинските организации во земјава имаат капацитет да бидат домаќини на значајни европски настани.

„Особено сум горда на тимот на МОФ, кој со посветеност, професионалност и одговорност го изнесе целиот процес и испорача настан од највисоко ниво. Позитивните реакции од учесниците се најдобра потврда дека создадовме средина во која младите од цела Европа се чувствуваа добредојдени, почитувани и мотивирани активно да придонесат во дебатите“, нагласува Кузмановска.

Скопје беше избран за град домаќин во 2024 година, во тесен избор со Милано, а со реализацијата на првенството Македонија дополнително се позиционира на мапата на европската дебатна заедница, отворајќи нови можности за младите да се поврзат и соработуваат со своите врсници од цела Европа.

Линк до видеото од финалето на Европското дебатно првенство