Дина Јашари е финалистка за овогодишните регионални музички награди „Хеми“

Меѓу деветте финалисти за овогодишните регионални „ХЕМИ“ музички награди, е македонската Дина Јашари, информираат од „Пасворд продукција“. Оваа година, финалистите доаѓаат од Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.

Чешките финалисти се „badfocus“, додека финалисти од Естонија се алтернативниот р’н’б состав „manna“. Од Грција претставници се „поп-даркерите“„Lia Hide“, а од Унгарија – „Ficture“ кој го мешаат изворниот и електронскиот звук.

Полските финалисти „Клаво“ изведуваат фанки и груви џез, додека романски финалисти се електронскиот состав „K not K“, а од Србија денс-панк составот „МАiKА“. Од Словенија, финалисти се инди поп-рокерите „The Crossroads“.

„Деветте ‘ХМА’ финалисти беа избрани од вкупно 27 музички изведувачи кои беа номинирани во првата фаза на наградите. За финалистите одлучуваа гласовите на меѓународно жири во кое членуваат претставници на фестивали и изложбени конференции, музички сали, букинг агенции, музички асоцијации, институции за музички експорт и музичките медиуми“, истакнуваат од „Пасворд Продукција“.

„ХЕМИ Музички Награди – ХМА“ е талент – програма за изведувачи кои се спремни да ја развијат својата кариера и да освојат нов меѓународен пазар и публика.

„ХМА“ се организирани од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации – „ХЕМИ“, европска инцијатива кофинансирана од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Програмата се стреми да ги поддржи уметниците и професионалците од музичката индустрија во Чешка, Естонија, Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.