„Металковци патуваат“ – нова интерактивна музичка претстава за деца во Македонската опера и балет

На 7 март во 11:00 часот на Малата сцена на Македонската опера и балет премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе има и реприза во 13:00 часот, додека следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.

Станува збор за нова продукција наменета за деца на возраст од 4 до 10 години. Претставата ја изведува брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет и трае околу еден час. Концептот комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.

Преку „Металковци патуваат“, најмладите гледачи ќе тргнат на музичко патување низ различни култури. Децата активно ќе учествуваат во претставата, ќе се запознаат со дувачките инструменти и ќе ја откријат нивната богата звучна палета.

Проектот има и јасна едукативна цел – поттикнување интерес кај децата за музичко образование и создавање нова културна публика од најрана возраст.

„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета“, велат организаторите.

Со капацитет од околу 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.

Претставата е во организација на Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.

Билетите се достапни онлајн на платформата mktickets.mk, како и во книжарниците на Литература.