Во понеделник, со почеток во 19 часот, во „Јуроп хаус“ во Скопје ќе се одржи промоција на новиот роман „Тринаесеттиот“ од Лидија Димковска. Станува збор за прв роман за деца и млади на една од најпреведуваните домашни авторки, добитничка на бројни домашни и меѓународни признанија.
Меѓу наградите што ги има освоено Димковска се и Наградата на Европската Унија за литература, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, како и романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“.
За значењето на романот во македонската книжевност ќе говорат промоторките Весна Мојсова-Чепишевска и Виолета Танчева-Златева. Во рамки на настанот, младите членови на актерската школа на Весна Петрушевска, која одбележува 30 години постоење, ќе приредат изненадување за публиката со сценски приказ на „Тринаесеттиот“ низ нивна перспектива.
Романот се издвојува како повеќеслојно и современо дело, напишано на јазик близок до денешните генерации. Со отворање теми што ретко се обработуваат во литературата за деца и млади, авторката прави значаен пресврт во своето творештво. Делото поттикнува интерактивен однос со читателите, охрабрувајќи ги преку поставените прашања да изградат ново разбирање за себеси.
Од Издавачкиот центар ТРИ, во чие издание е објавен романот, ги покануваат и младите и возрасните да присуствуваат на настанот, кој нуди можност за средба со авторката, разговор за процесот на создавање на книгата и учество во дискусија инспирирана од темите што ги отвора делото.
Настанот е отворен за јавноста, а влезот е слободен.



