Концерт на Националниот џез-оркестар под водство на светски реномираниот диригент Мајк Холобер

Еден од најреномираните современи џез-композитори и диригенти, Мајк Холобер (Mike Holober), на 18 март ќе настапи со Националниот џез-оркестар претставувајќи го својот најнов и исклучително значаен проект This Rock We’re On: Imaginary Letters. Концертот ќе се одржи во Национална опера и балет со почеток во 20 часот под диригентство на авторот.

Како што соопштуваат од Националниот џез-оркестар, Мајк Холобер е препознатлив по својата виртуозност, изразената оркестарска визија и длабоката музичка чувствителност. Неговиот проект е оценет како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција за џез-оркестар“. Во ова дело Холобер создава впечатлив спој на два музички света вметнувајќи ја суптилната естетика на современата класична музика нагласена преку интимната камерна звучност на виолончелото, пијаното, вибрафонот и вокалот, во моќната и динамична енергија на Биг бендот.

Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и судбината на планетата. Конципирано е како циклус од таканаречени замислени писма посветени на писатели, уметници и активисти, кои својот живот го поминале во восхит и грижа за планетата. Секое писмо е проследено со инструментална оркестарска интерпретација, што ја продлабочува и музички ја отсликува неговата содржина и поетска димензија – се наведува во најавата за концертот.

Гости солисти на концертот ќе бидат Андријана Јаневска (вокал), Кирил Јосифов (виолончело) и Влатко Нушев (вибрафон и перкусии).

Овој концерт претставува исклучителна можност за непосредна средба со едно од најзначајните современи остварувања за џез-оркестар, во изведба на Националниот џез-оркестар и под диригенство на Мајк Холобер.

Билетите може однапред да се резервираат на: info@jazzorchestra.mk, информираат од Националниот џез-оркестар.