Проверката на факти е водилка кон вистината. Деформирајќи ја дезинформацијата ја деформираме и реалноста. Факт чекингот и едукација на медиумите и новинарите, се двата столба во борбата против дезинформациите.
Ова беа пораките од денешната дебата насловена како „Медиумите и социјалните мрежи: да ја вратиме довербата”, која се одржа на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во организација Францускиот институт во Скопје и Фондацијата Метаморфозис.
Панелисти беа Лавинија Абот, уредничка во европскиот тим за проверка на факти на Агенцијата Франс Прес, Вeнсан Курон, директор на Ле Сирлињер, правник и универзитетски професор, како и Бардил Јашари, извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис. Дебатата официјално ја отвори амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер.
„Сите сме сведоци за улогата која може да ја има дезинформацијата и што таа значи за еден демократски процес. Дезинформациите земаат голем замав посебно сега со социјалните медиуми кои сè повеќе ги користат младите. Брзиот развој на вештачката интелигенција, овозможува сложеност и ризици во борбата против дезинформациите. Лично јас, како обичен корисник на социјални мрежи, сум фасциниран од моќта на информациите кои ги произведува ВИ. Затоа, суштинското прашање е, како да го заштитиме демократските вредности во едно општество, кога забележуваме дека има застранување на информациите? Европската Унија сè повеќе се мобилизира на ова тема“, кажа во своето обраќање амбасадорот Ле Риголер.

Директорот на Метаморфозис, Бардил Јашари, зборуваше за работата на Фондацијата и истакна дека политичарите не може да носат политики во кои нема да се земат предвид потребите на граѓаните.
„Во 2010, Метаморфозис работеше на граѓанското учество во процесите на одлучување, во дијалогот со институциите. Во 2011 одлучивме да воспоставиме медиа факт чекинг сервис и да ги проверуваме информациите. Нашата цел не беше само да се проверат фактите, туку пред сè, да се зголеми барањето од граѓаните за улогата на медиумите. Нашата методологија беше транспарентна и беше консултатива со новинарите. „Метаморфозис“ не работи само со дезинформации, но таа води и други програми – транспаретност и отвореност на институциите и дигиталните права и приватниот живот, оти граѓаните треба да се безбедни и да знаат дека нивните податоци нема да бидат злоупотребени“, кажа директорот Јашари.
Според него, преку деформирањето на дезинформацијата, се деформира и реалноста.
„Политичарите не може дa носат политики во кои нема да ги земат предвид потребите на граѓаните. Нашата стратегија почива токму на тоа. Најважно е што работиме во интерес на граѓаните, но и со дигиталните медиуми, работиме и со прашањето за транспарентноста на институциите и се обидуваме да придонесеме систем за веродостојни информации. Многу е важно, да се зајакнат вештините на младите но и на останатите граѓани, оти целта не е само да се идентификуваат дезинформациите, туку и тие да се стават во контекст. Важно е и да се разберат системите и механизмите на веродостојност и да се зачува одредена форма на личен интегритет. Гледаме содржини кои кај нас предизвуваат емоција или нè забавуваат, но треба да размислиме пред да кликнеме или да ја споделиме веста, посебно кога гледаме содржини кои не шокираат“, рече Јашари.
Зборувајќи за ВИ, тој истакна дека ВИ станува сè потешка за справување, но добро е што постојат алатки со кои може да се проверува веродостојноста на информациите.
„Обучуваме новинари за методологијата за борба против деизнформациите и се обидуваме да објасниме и зошто сметаме дека е важно да се работи со новинарите и медиумите. Од друга страна, многу е важно институциите да се отворени. Веќе седма година по ред имаме проект го спроведуваме низ државите на Балканот, а во рамки на кој создаваме список на институции, одноно, анализираме која институција е најотворена, а која е најзатворена. Не го правиме тоа само за да ги критикуваме институциите, туку, согласно нашата методологија, соработуваме со нив и им помагаме да станат потранспарентни и да станат идната година подобро рангирани. Не може да имаме квалитетен дијалог ако граѓаните ги немаат потребните информации кои ги добиваат од нив“, потенцира Јашари.
Лавинија Абот, уредничка во европскиот тим на АФП Факт чек, кажа дека дезинформациите ја доведуваат во прашање демократијата и слободата на изразување.
„Во ‘Франс прес’ имаме 130 новинари низ цел свет кои проверуваат факти и работиме на 26 јазици. Новинарите знаат брзо да детектираат лажни вести онлајн. Набљудуваме социјалните мрежи – ТикТок, Телеграм, Фејсбук, Инстаграм. Користиме различни алатки, пребаруваме со клучни зборови и контролираме одредени говори. Денеска има премногу дезинфомации. Ако видите видео креирано со ВИ од лабрадор кој се ниша на нишалка, тоа нема никакво влијание, но ако забележиме, на пример, на Фејсбук објава во која се вели ‘Овие избори се наместени’, тогаш знаеме дека таква објава може да влијае на јавното мислење и затоа ние ја проверуваме таа информација. Ако лажна вест е поврзана со фотографија, ја проверуваме дали била објавувана во минатото и во кој контекст“, истакна Абот, која додаде дека голем дел од дезинформациите најчесто ги наоѓаат кај стари слики, кои се извадени од контекст.
Како пример на лажна вест наведе пример од Обединетото Кралство, каде што екстремната десница објавувала стари слики од протести против фашизмот и лажно ги претставувале како протести од поново време.
„Ние сме тука за да донесеме веродостојни информации. Ако наидеме на лажна вест во САД, тие ќе ги информираат колегите од целиот свет и ќе видиме дали истата вест е лажна. На пример, сега со документите на Епстин, имаше вест/фотографија како тој се движи Тел Авив, со долга коса и со телохранители. Тоа беше слика генерирана од ВИ, но стана вирална. Забележавме дека истата вест е распространета на повеќе јазици и успеавме да ги провериме фактите на глобално ниво“, рече Абот.
На дебатата свое обраќање имаше и Вeнсан Курон, директор на „Ле Сирлињер“, правник и универзитетски професор.
„Овој медиум го основав пред повеќе од 8 години. Причина за основање на медиумот беше тоа што во 2016 година, тогашниот премиер интервенираше во утринска програма на радио, кое беше најслушаното радио во Франција. Имаше изјава која немаше смисла – кажа дека ако ЕУ не ја смени политиката, Франција нема да ја аплицира таа политика, што од правен аспект немаше никаква смисла. Новинарот кој го интервјуираше, наеднаш ја смени темата на разговор. Тоа беше неверојатно, новинарот не го коригираше премиерот. Токму тука се роди идејата да се роди ‘Ле Сирлињер’, што всушност значи ‘потцртувач’, ‘маркер’. Оттогаш се бориме за вистината, а факт чекингот е водилка кон вистината“, кажа Курон.
Извор: Мета



