Дете кое живее во густо населен кварт во Мадрид може да оди на училиште, а притоа да не види ниту едно дрво или тревна површина. На хартија, тоа дете живее во регион опфатен со законите на ЕУ за заштита на природата, но во пракса – природата како да не постои.
Иако европските закони за заштита на животната средина се меѓу најстрогите во светот, милиони Европјани живеат без ниту еден зелен призор пред очи. Студија од 2024 година, пренесена од European Correspondent, ја рангира поврзаноста на луѓето со природата во 61 земја. Шпанија е на последното место, а Обединетото Кралство на 55-то. Од земјите членки на ЕУ опфатени со истражувањето, само Хрватска и Бугарија се меѓу првите десет.
И покрај иницијативи како мрежата Natura 2000 и новиот Закон за обнова на природата, заштитата најчесто се спроведува надвор од местата каде што живеат луѓето.
Светска здравствена организација поврзува живот во близина на зелени површини со понизок стрес, намален ризик од кардиоваскуларни болести и подобро ментално здравје. Студија од 2022 година објавена во Ambio покажува дека секојдневниот контакт со природата и културните навики се клучни за чувството на поврзаност.
Половина од светската популација живее во урбани средини, често одвоени од природата, предупредува Мет Вајт од Универзитетот во Виена. „Колку сме подалеку од природата, толку помалку се грижиме за неа“, вели тој.
Во сиромашните градски средини состојбата е уште полоша – помалку дрвја, запуштени паркови и поголеми здравствени ризици. Садењето дрвја и вложувањето во урбано зеленило може да ги намали здравствените нееднаквости и да го подобри квалитетот на животот.
Новиот закон на ЕУ за обнова на природата треба да насочи средства и кон урбаните зелени површини – со цел повеќе деца да гледаат зеленило низ прозорецот од училницата, а градовите повторно да станат места создадени за луѓето.
Извор: European Corspondent
Фото: Freepik



