Вештачката интелигенција ги загрозува работните места во науката – кои се најизложени?

Вештачката интелигенција (ВИ) сè повеќе влијае врз научниот сектор, а дел од работните позиции веќе стануваат излишни. Во разговор со повеќе од 40 истражувачи од академијата и индустријата, магазинот „Nature“ анализира кои професии се најзагрозени.

Според научниците, најранливи се позициите поврзани со пишување код, обработка на податоци и компјутерско моделирање – задачи што често ги извршуваат докторанди, постдокторанди и истражувачи на почетно ниво.

„Ова не е иднина, туку сегашност“, вели Сјуанхе Жао од Масачусетскиот технолошки институт, нагласувајќи дека ВИ ги извршува овие задачи поефикасно од младите научници.

Сличен тренд се забележува и кај научните преведувачи. Американската асоцијација на преведувачи бележи пад од 26% на членството во секторот за наука и технологија за помалку од две и пол години, поради напредокот на автоматските преведувачки алатки.

Од друга страна, работните места што вклучуваат лабораториска, практична работа засега се сметаат за побезбедни. Сепак, дел од експертите предупредуваат дека прекумерното потпирање на ВИ може да доведе до намалување на нови вработувања и долгорочен пад на научниот кадар.

Иако ВИ носи поголема ефикасност, научната заедница стравува од последици врз иднината на истражувачките професии.

Фото извор: Freepik