Жителка на Лисиче, Валентина Петрушевска, непосредно пред Нова година, ја добила најнепосакувана честитка од своите соседи. Куќата која била сместена веднаш до нејзиниот семеен дом, пред две години била продадена, а токму на 30.12, само неколку дена пред Нова година, почнал процесот на уривање на старата куќа, на чие место денеска никнува огромна зграда.
Изградбата напредува забрзано, а за само неколку месеци, соседната зграда која е во изградба на Петрушевска ѝ ги затворила сите извори на светлина. Буквално, нејзиниот дом, денеска изгледа како тунел, без никаква дневна светлина, бидејќи новиот објект, кој е во легална изградба ѝ ги попречил сите извори на светлина.
Иако таа неколку пати се обраќала до градежниот општински инспектор, секогаш наидувала на ист одговор – објектот кој се гради има ДУП бројче, легализиран е и покрај очигледниот проблем кој е видлив со голо око, инспекторите велат немаат законска основа да постапуваат, бидејќи објектот ги задоволува сите законски услови за изградба.
Инспекторка од општина Аеродром не гледа проблем во оваа градба
По пријавата на 13.01.2026 година направена од страна на Петрушевска, која уредно доставува барање за вонреден инспекциски надзор до надлежниот општински инспекторат, на терен излегува инспекторката Елеонора Боглеска Маркоска. Согласно издаденото известување, таа постапила по барањето за вршење на вонреден инспекциски надзор и ја констатирала следната фактичка состојба:
Согласно член 82 од Законот за инспекциски надзор, кога при вршење на инспекцискиот надзор не се утврдени неправилности, инспекторот ја затвора постапката. Во образложение кое е сместено во помалку од една страна, инспекторката на општина Аеродром ѝ ја угасила и последната светлина надеж на оваа граѓанка.
Редакцијата на Радио МОФ се обиде да стапи во контакт со инспекторката Елеонора Б. Марковска. Нејзиниот телефонски број за контакт е јавно објавен на официјалната страница на општина Аеродром. Таа првично не одговори на нашите повици. На телефонскиот број на кој уредно е инсталирана и вибер апликација за полесна комуникација со странки, го напишавме нашето барање да се произнесе околу тоа како целосното затворање на изворот на светлина на Петрушевска е законско и зошто градежниот инспектор не реагира. На оваа барање повторно, не добивме никаков одговор.
Службата за односи со јавноста на општина Аеродром во текот на вчерашниот ден не беше воопшто достапна за комуникација со странки. Па не можевме да добиеме одговор, ниту дали инспекторката е во општинската зграда, на терен и дали службата за односи со јавноста има некаков коментар на експанзијата на градежни активности на територија на населба Лисиче, која им го загорчува животот на жителите кои живеат во населбата со бараките.
Инвеститорот непознат, основниот проект го изведува фирма која за две години направила драстичен приход
Инвестиротот на зградата која се гради на ул. Дете Татуличе во Лисиче е Антонио Спасовски. При нашата претрага, не успеавме да добиеме податоци за овој градежен инвеститор, ниту за неговата целокупна дејност. Радио МОФ разговараше и со други градежни фирми и инвеститори, кои тврдат дека ова има е целосно непознато за нив. Уште поинтересен е фактот што проектантската фирма која го направила основниот проект за градба врз база на кој е издаден ДУП бројот од страна на општина Аеродром, според податоците, јавно достапни на платформата Company WELL, е регистрирана во 2022 година, а веќе во 2024 година имала драстично зголемување на приходите. Фирмата БРОСКИ ДОО е основана на 30.09.2022 година и е во сопственост на Дарко Милевски, Павле Христов и Миле Грујоски. Во првата година од својата дејност, БРОСКИ ДОО која е регистрирана како фирма за вршење на инжинерски дејности и и поврзано техничко советување имала приход од 70.000 денари. Веќе наредната година споменатата фирма се стекнала со приходи од 2.092.000 денари, за во 2024 година да доживеа тројна експанзија и приходите изнесуваат 6.013.000,00 денари.
Редакцијата на Радио МОФ вчера стапи во контакт и со контакт телефонот оставен при регистрација на фирмата. Лицето со кое разговаравме се претстави како овластено за фирмата и рече дека ќе не контактира во текот на вчерашниот ден. Но до објавување на сторијата, не добивме одговор, како може проектантска фирма која го констрира основниот проект за градба да не ја земе предвид фактичката состојба на околните згради и фактот дека сите прозорци на соседниот објект се затвораат со градење на таков тип градба.

Петрушевска живее во темница, населението се згрозува од глетката, институциите неми, одговорност само пред суд
Во разговор со адвокатот Владимир Бангиевски откривме дека во неколку аспекти е повреден Законот за градење. Сепак, иако е нелогично како објектот воопшто се стекнал со сите можни дозволи за градба, во овој момент правдата може да ја преземе само судот, поради кршење на основните човекови права на домување, безбедност, услови на пристојна животна средина.
Овој пример е слика на народната поговорка дека „Сила бога не моли“ и дека институциите од засега непознати причини издаваат сомнителни дозволи за градење, од кои некој профитира додека им го загрозува основното право на домување на другите граѓани. Кафказијанското патување на Петрушевска од општина Аеродром, до Државен градежен инспекторат, до најљубезно замолување на инвеститорот да ги земе предвид нејзините потреби, завршиле идентично како и нашата потрага по одговори – со молк. Градежениот џин и институционалната негрижа (или корупција) не само што ја голта светлината на некогаш нормалниот семеен дом на Валентина Петрушевска, туку го урива и достоинството на граѓаните заглавени во правно неагилен систем, кој заспива пред капиталистичкото дивеење и ја одзема не само можноста да се повикуваме на закони, кои ѝ доесга имагинарно не штитеа, туку сега веќе директно удира на здравата логика која природно го наметнува прашањето: Како е можно вака да се гради?
Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов за ©Радио МОФ
Техничка поддршка: Исмет Шабановиќ






