Каде настануваат вестите? Дали во умот на новинарот или во неговото искуство? Прашањето за дихотомијата на човековото познание поделена на разум и искуство, драстично го смени начинот на кој знаењето се создава. Новинарот денеска, поминува километри до своето работно место. Додека да стигне до редакцијата околу него се среќава со десетици појави кои заслужуваат да бидат третирани како јавен интерес, но наместо тоа, со слушалки во ушите, или во радиото на својот автомобил ги следи најударните вести во светот, регионот и во својата држава. Стигнува до својата редакција се вмрежува во интернет просторот и станува дел од еден информациски круг. Неговите сетила се затапени.
Тој не го гледа сметот од кантите за отпадоци, нема да ја види ниту сообраќајната несреќа за која подоцна ќе известува вадејќи снимка од социјалните мрежи или цитирајќи известување од дневен билтен на настани пратен од МВР. Просто, информациската ера не само што го смени начинот на кој луѓето ја перципираат стварноста, туку го смени и начинот на кој луѓето ја креираат реалноста. Методот со кој се користи нулта новинарот, оној од кого потекнува веста или информацијата, што ја извел преку своето искуство е токму индукцијата. Новинарот посведочува на некој настан, го слуша или гледа, развива концепт, му дава новинарска форма и го пушта во етер.
Информацискиот новинар, наместо тоа, веќе има мрежа на дистрибуирани податоци. Тој ги добива на е – маил или на разни агрегатори на вести кои царуваат на интернет просторот, излегува од својата редакција само ако треба да ги провери. Она што новинарот го гледа кога излегува на терен, веќе е контаминирано со концептот и теорискиот пристап кој го има. Нему практично, излегувањето на терен му служи да ја поткрепи тезата со аргументи која веќе ја создал како новинарски материјал преку своето пребарување. На тој начин настанува селективност, која произведува чиста и формално јасна информација, но информација која се базира на тесно поле на евиденција и која понатаму е непроверлива.
Информацијата на Интернет се шири побрзо од ветер, доволно е само нешто да го пуштите во Интернет просторот и станува стотици пати мултиплицирано. Медиумите веќе не се осврнуваат на тоа дали е точно и проверено, туку дали е доволно актуелно. За актуелност не ви е потребна вистина, потребна ви е неверојатност, затоа теориите на заговор, мистериозните концепти, скриените загатки кои го тераат восприемачот на веста да се ангажира во нејзина „демистификација“ се основи на секоја актуелна вест. Информацискиот новинар го истреби емпирискиот новинар, како што Хомосапиенсот го истреби Неадрталецот. Иако физички посупериорен од него, Неадрталецот единствено не можел да ја победи митоманијата на Хомосапиенсот. Хомосапиенсот отсекогаш создавал митови кои го држат заедништвото. Поединец Неандрталец кој е интелигибилно, физички и адаптациски супериорен во споредба со Хомосапиенсот, сепак ништо не може против толпа удружени Хомосапиенси. Така барем вели Харари во неговиот бестселер за „Сапиенсот“.
Уште една појава која го брани формалното новинарство, но го брише и споменот на искуственото новинарство е токму вештачката интелигенција. Таа е способна да произведе новинарски текст во сите жанрови кој е без грешка. Добро разликува вест од репортажа и секогаш знае информацијата да ја структурира во соодветна новинарска форма. Но вештачката интелигенција го руши и последниот филтер на новинарот кој треба да е ангажиран во создавањето на новинарскиот производ. Со вештачката интелигенција, новинарот не се разликува од куцача машина. Тој само типка на тастатурата, а деск новинарството е најзастапената форма на новинарство. Ако до пред некое време важеше правилото дека не гледаме подалеку од своите екрани, сега важи правилото дека не гледаме ниту во екраните. Целосно отсутна присутност, како што би ја нарекол постмодернистичкиот писател Дерида. И додека се отвораат школи за унапредување на новинарството, се делат награди за животни дела во еснафските новинарски здруженија, прашањето што реално се поставува е дали новинарството е рефлексија на своето време или новинарите навистина нешто менуваат во општеството? Повторно се враќаме на почетното прашање од каде потекнува новинарството? Дали од сетилното искуство на новинарот? Од идејата? Од мислата? Од потребата нешто да се промени? Можеби од нарачката? Од потребата нешто да се сокрие? Од потребата реалноста да се покаже пошарена или посива и на крај можеме ли воопшто да зборуваме за каква било реалност која е унитарна?
Дури и научните концепти се доведени до тој степен на релативизација да во медиумите ќе слушнете тројца лекари кои говорат на иста тема и даваат сосема спротивно тврдење. Еден педијатар ќе ви каже дека детето треба да пие вода и пред четири месеци, за друг мајчиното млеко има се што му е потребно. Двајца научници чија наука се третира како егзактна, проверлива и експериментална даваат сосема различни тврдења и препораки. Што ќе пресуди во нивната меѓусебна борба на аргументи? Едноставно оној кому гледачот, или пациентот повеќе ќе му верува. Медицината, а особено фармацијата е најмасовната религија на новото време, а верата е единствената сигурна компонента по која се водиме. Информациското време, од секој поединец направи медиум и воопшто не мора да сте новинар за да станете медиум. Едно видео на социјални мрежи на сопствен блог понекогаш создава многу повеќе реакции и поттикнува на одговорност одошто новинарски текст. Дали некогаш ќе можеме да го одбраниме новинарството? Какво ќе биде тоа во иднина? Дали воопшто новинарството ќе биде потребно и дали воопшто на луѓето веќе им е важна вистината или сепак само возбудата? Ако им е важна возбудата, тогаш новинарот ќе стане обичен забавувач. Можеби ќе остане еден „Последен Мохиканец“ кој ќе говори за идеалите на новинарството и со сите сили ќе го брани она во што е научен да верува. Но и тоа е момент на циркус, дело за публиката, како во дискотеката што гори и зема животи на млади луѓе, сите вадат телефони да снимаат, така и последниот новинар ќе се соочи со игнорантниот однос на информацискиот човек во стилот на народната поговорка „Ниту е мој циркусот, ниту се мои мајмуните“!
Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов




