Европската унија отвори формална истрага против кинеската трговска платформа Shein поради наводна продажба на нелегални производи кои вклучуваат оружје и секс-кукли со изглед на малолетници.
Истрагата ќе се фокусира на три клучни аспекти од работењето на платформата. Освен продажбата на нелегални производи, под лупа ќе биде и т.н. „зависнички дизајн“ на услугата – системи на бонус-поени, гамификација и награди кои можат да влијаат врз менталната благосостојба на корисниците.
Дополнително, ќе се анализираат и препорачувачките алгоритми на компанијата, за кои постои сомнеж дека премногу ги тераат младите луѓе, децата и воопшто корисниците на неразумни порачка и нерационални трошоци.
Според европските правила, вклучително и Законот за дигитални услуги (DSA), платформите мора да понудат најмалку една алтернатива на препорачувачкиот систем што не се базира на профилирање. Прелиминарните наоди покажале дека објаснувањата на Shein за функционирањето на алгоритмите биле премногу општи и недоволно транспарентни.
Ова е втора истрага за „зависнички дизајн“ на онлајн платформа, по постапката против Temu во 2024 година.
Shein соопшти дека сериозно ги сфаќа своите обврски според европските правила и дека соработува со Европската комисија и ирскиот регулатор Coimisiún na Meán, кој ќе ја води истрагата. Компанијата тврди дека вложува значителни средства во процена и намалување на системските ризици, како и во заштита на помладите корисници.
Истрагата доаѓа по претходна постапка во Франција, каде властите разгледуваат законитост на производите што се продаваат на платформата.
Извор: The Guardian
Фото: Pexels.com



