По трамвајската сообраќајна несреќа која се случи на 13 февруари во Сараево, граѓаните масовно излегоа на протести, барајќи утврдување на вина и побараа одговорност за смртта на 23 годишниот студент од Брчко. Овој протест кој доминантно го предводат студенти и млади луѓе се прошири во барање за системска дијагноза на слабостите кои одговорните државни органи ги покажале во споменатиот случај.
По тој повод, редакцијата на Радио МОФ разговораше со Лоренс Страњак, кој е дел од протестите од самиот почеток, кој вели дека ентузијазмот секојдневно расте, а покрај студентите на протестите масовно се појавуваат и други граѓани. Според него кулминацијата на ова незадоволство се должи на фактот што во последните неколку години токму во Босна животот го изгубија голем број на млади луѓе во сообраќајни незгоди.
Многу сум задоволен од сложноста на народот, особено ми е драго што голем број на млади излегоа на улица. На дел од средношколците ова им се први протести па затоа е важно таа граѓанска самосвест да се буди уште од млада возраст. Од друга страна, сметам дека народот е инспириран и од актуелните случувања со протестите во Србија, вели Лорен Страњак за Радио МОФ.
Самиот потенцира дека како млада личност почувствувал одговорност за тоа во каков систем живее и токму таму го гледа мотивот за неговото секојдневно присуство на улиците.
Овој протест е значително различен од другите протести кои претходно се организираа во насока на покажување на незадовлството од начинот на кој функционира системот иако генерално на сите протести испливува на површина пораката дека се потребни реформи во внатрешноста на системот, заклучува Страњак.
Протестите во Сараево продолжуваат и оваа недела, а значајно е што тие се врзани со примерот со студентските протести во Белград, со што почнува да се забележува тренд на регионално ниво кај младата популација во насока на граѓански активизам.
Подготвил: Исмет Шабановиќ за ©Радио МОФ
Техничка поддршка: Магдалена С. Константинов



