Алармантни податоци од ЈП Лајка покажуваат дека проблемот со бездомните кучиња во Скопје во голем дел произлегува од неодговорно сопствеништво. При неодамнешно заловување, во текот на само еден ден, по женка во циклус, од шест заловени кучиња дури пет имале сопственици, кои подоцна ги подигнале од стационарот.
Овој пример, иако изолиран, јасно укажува на суштината на проблемот – кучиња се пуштаат без надзор, не се стерилизираат и неконтролирано се размножуваат, а дел од нив завршуваат на улица. Додека институциите трошат ресурси за заловување, стерилизација и згрижување, паралелно се создава нова генерација напуштени животни, со што напорите за намалување на бројот на бездомни кучиња се поништуваат.
Дополнително, во последните месеци се посочува и на дислокација на кучиња од други општини кон главниот град, што дополнително ја усложнува состојбата.
Иницијаторите бараат строги и доследни казни за неконтролиран расплод, пуштање кучиња без надзор и напуштање миленици. Клучното барање е напуштањето миленик да стане кривично дело, по примерот на неколку европски држави каде ова дејствие се санкционира со високи парични казни и затвор.
Иницијативата е доставена до Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство, со очекување за конкретни законски измени. Според подносителите, решението не е во отстранување на животните од улица, туку во спречување на нивното напуштање преку јасна и строга законска одговорност.
Фото: Unsplesh.com



